Агресивен сом со димензии над 2 метри и тежина од околу 90 килограми повреди најмалку пет пливачи на езерото Бромбах во јужната германска покраина Баварија, соопшти полицијата во саботата.
Полицијата соопшти дека еден полицаец на крајот ја застрелал огромната риба со своето службено оружје.
Инцидентите се случиле доцна попладне во петокот во близина на пловечки остров, каде што џиновската риба се задржувала и постојано напаѓала луѓе во водата.
Болнчари од Црвениот крст ги третирале раните од каснување на пливачите на местото на настанот.
Бидејќи рибата не покажувала знаци на оддалечување и продолжила да претставува закана, локалната служба за спасување на вода ја повикала полицијата. Полицајците го опколиле просторот за пливање за да спречат понатамошни инциденти.
Бидејќи рибата се сметала за опасност за пливачите, службите за итни случаи одлучиле да го убијат животното. Двајца рибари подоцна го извадиле сомот од 90 килограми со брод.
Сомовите од оваа големина не се невообичаени во Германија и повремено предизвикуваат тревога.
Пред повеќе од 20 години, џиновски сом со прекар „Куно убиецот“ привлече меѓународно медиумско внимание по извештаите дека проголтал мало куче во германско езеро во близина на полската граница.
Кога голем мртов сом беше откриен во езерце во западногерманскиот град Менхенгладбах во 2003 година, се веруваше дека е Куно. Рибата подоцна беше препарирана и изложена во музеј.