И покрај бавниот напредок на фронтот и големите загуби, претседателот на Русија, Владимир Путин е цврсто уверен дека ќе победи во војната во Украина, се наведува во најновиот извештај на американската Одбранбена разузнавачка агенција (ДИА).
Според ДИА, Кремљ продолжува со стратегијата на исцрпување, чија цел е да го ослабне украинскиот отпор, да го деморализира населението и чека да ослабне западната поддршка за Украина. Иако напредокот на руската армија е бавен, за военото раководство во Москва таквото темпо е прифатливо.
– Путин е речиси сигурно посветен на победа во Украина, а неговите цели остануваат во голема мера непроменети од почетокот на инвазијата: неутралност на Украина и понатамошна поделба на украинската држава. Доколку не се постигне мировен договор, ситуацијата на бојното поле годинава веројатно ќе продолжи да биде во корист на Русија, иако рускиот напредок забавува и е проследен со големи загуби на човечка сила и опрема, се наведува во извештајот.
Според американски податоци, Русија, од почетокот на инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година, изгуби над 700.000 војници, од кои 170.000 загинаа. Изгуби повеќе од 10.000 парчиња воена оперма од кои 3.000 тенкови, како и околу 250 воени авиони и хеликоптери.
– Иако Путин и неговите команданти веројатно би претпочитале побрзи успеси, тие се чини дека се задоволни со моменталното темпо и цената на напредокот. Тие пресметуваат дека можат да ги исцрпат ресурсите и моралот на Украина и да ја надминат поддршката на Западот за Киев, истакнува ДИА.
Руските сили продолжуваат полека да напредуваат во источна Украина, поддржани од илјадници странски војници. Во Курската област распоредени се повеќе од 10.000 севернокорејски војници.
– Русија интензивно користи дронови камикази и ракети со долг дострел за да ја погоди клучната инфраструктура на Украина, со цел да го скрши отпорот и волјата на народот, се наведува во извештајот.
Според процените на ДИА, Путин не се откажува од планот да наметне неутрален статус на Украина по војната, да ги ограничи нејзините воени капацитети и да земе делови од територијата.
Извештајот за Русија е дел од анализата на ДИА за глобалните закани во 2025 година, во кој се анализираат и Северна Кореја, Кина, Иран и други држави.