Воведувањето на дигиталното евро би можело да ги чини банките помеѓу 18 и 30 милијарди евра, според истражувањето на консултантската фирма PwC.
Истражувањето на PwC, нарачано од Европската асоцијација на кредитниот сектор (ECSA), покажа дека трошоците за прилагодување за група од 19 банки треба да изнесуваат малку повеќе од две милијарди евра.
Ова би значело дека трошоците на банките во целата еврозона треба да изнесуваат од 18 до 30 милијарди евра, пресмета PwC.
Ажурирањето на апликациите за мобилно банкарство, онлајн платформите, физичките платежни картички и терминалите за плаќање ќе бараат значителни инвестиции, покажа истражувањето.
Секоја банка ќе мора да потроши просечно девет милиони евра само за да ја прилагоди инфраструктурата на банкоматите, пресмета PwC.
Воведувањето на дигиталното евро ќе бара и ангажирање на значителен дел од работната сила во период од неколку години, што би можело да ги забави иновациите во секторот за плаќање.
Дигиталното евро е замислено како европска алтернатива на доминантните американски компании за дигитални плаќања, како што се PayPal, Mastercard и Visa, забележува германската новинска агенција dpa.
Многу банки во Германија се скептични, доведувајќи ја во прашање додадената вредност на проектот во споредба со постојните системи за плаќање, како што се трансферите во реално време.