ДИК на Молдавија ѝ забрани на уште една проруска политичка партија да учествува на утрешните избори

ДИК на Молдавија ѝ забрани

ДИК на Молдавија ѝ забрани на проруската политичка партија „Велика Молдавија“ да учествува на утрешните парламентарни избори поради сомневања за нелегално финансирање, соопштија официјални претставници.

Тоа е втората проруска партија, што е забранета во рок од неколку дена пред гласањето, поради загриженост за наводно руско мешање во изборниот процес на земјата и иднината на кандидатурата на Молдавија за членство во ЕУ.

ЦИК ја забрани партијата „Велика Молдавија“ по наодите на полицијата, безбедносните и разузнавачките служби дека партијата користела нелегално финансирање и странски средства, соопшти комисијата.

Лидерката на партијата, Викторија Фуртуна изјави дека одлуката е пристрасна и дека ќе поднесе жалба, објави „Молдпрес“.

Изборната комисија утврди дека партијата користела непријавени средства и е осомничена дека им обезбедувала пари на гласачите во обид да влијае на резултатот од изборите.

Официјални претставници, исто така, се сомневаат дека партијата дејствувала како наследник на претходно забранетата партија предводена од протераниот проруски бизнис магнат Илан Шор, кој ги негира сите обвиненија и живее во Москва.

Утрешните парламентарни избори се сметаат за пресвртница за Молдавија, поранешна советска република и кандидат за членство во Европската Унија.

Владејачката проевропска Партија за акција и солидарност, предводена од претседателката Маја Санду, има парламентарно мнозинство од 2021 година. Но, анкетите покажуваат дека би можела да го изгуби мнозинството, бидејќи опозициските партии се обидуваат да ги придобијат гласачите, загрижени за високите трошоци за живот, зголемената сиромаштија и бавниот економски раст. Аналитичарите веруваат дека неопходноста за управување во коалиција би можела да ги попречи напорите на Партијата за акција и солидарност за приклучување на Молдавија во ЕУ до 2030 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен