Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) одлучија да ги укинат визите за македонските граѓани. Веста ја сподели премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи дека оваа одлука е резултат на неговата последна посета на Емиратите.
„Последната посета на Обединетите Арапски Емирати донесе прв конкретен резултат. На наше барање, тие ги укинуваат визите кои беа потребни за патување кон оваа земја. Со примена на оваа одлука за безвизно патување, ќе влијаеме на посилната економија, слободно патување и зајакнување на меѓусебното партнерство“, изјави Мицкоски. Тој додаде дека владата продолжува да се бори за благосостојбата на граѓаните и за промени кои ќе придонесат за заедничката иднина.
Покрај ова, вчера беше најавено и дека се водат преговори за нова авиолинија од Абу Даби до Охрид. „Дали тоа ќе биде „Емирејтс“ или „Ер Арабија“, се преговара и се разговара“, изјави премиерот, посочувајќи дека до крајот на годината се очекува нова дестинација од Охрид, што ќе придонесе за развојот на туризмот во градот.
Мицкоски најави и дека најголемата туристичка агенција во ОАЕ ќе го прогласи месецот за Месец на Македонија и ќе ја промовира земјата како туристичка дестинација за жителите на Емиратите. Тој добил уверување од главниот емир дека оваа кампања ќе стигне до најмалку милион луѓе. „Летот до ОАЕ трае околу пет часа“, додаде премиерот, одговарајќи на прашања во Собранието.