Многу е мала веројатноста дека Русија ќе го употреби своето нуклеарно оружје, изјави во четвртокот највисокиот американски разузнавач, и покрај скорешното „мавтање со сабји“ на Кремљ и големите жртви што ги претрпува Москва при инвазијата врз Украина, пренесува Ројтерс.
„Многу е малку веројатно, тоа е нашата моментална проценка“, рече директорката на националното разузнавање Аврил Хејнс пред Комитетот за вооружени служби на Сенатот.
Нуклеарните тензии меѓу Русија и САД се зголемија од почетокот на конфликтот со Украина, при што Путин постојано предупредува дека Русија е подготвена да го искористи својот нуклеарен арсенал доколку е потребно за да го одбрани својот „територијален интегритет“.
Во февруари, Путин објави дека Русија го суспендира своето учество во Новиот договор СТАРТ, последниот преостанат пакт за нуклеарно оружје со Соединетите држави, кој го ограничува бројот на стратешки боеви глави што секоја страна може да ги распореди.
Хејнс не елаборираше за проценката на американската разузнавачка заедница.
Американските власти со месеци тврдеа дека не виделе знаци дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје, но исто така предупредија дека остануваат внимателни.
Минатиот месец, висок американски дипломат јавно рече дека Соединетите Држави и нивните сојузници во НАТО треба да останат внимателни за знаците дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да употреби тактичко нуклеарно оружје во „управувана“ ескалација на неговата војна во Украина.
Заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман, укажа на најавата на Путин од 25 март дека Русија се подготвува да стационира тактичко нуклеарно оружје во соседна Белорусија „е негов напор да ја искористи оваа закана на управуван начин“.
Сепак, има и гаранции за нуклеарна воздржаност од Москва.
Минатата недела Кремљ ја отфрли идејата дека Русија можеби се подготвува да изврши тест за нуклеарно оружје, велејќи дека сите нуклеарни држави се придржуваат до мораториум за тестирање на нуклеарно оружје.
Вчера на социјалните мрежи се појави предупредување дека Русија се подготвува да изврши ракетни напади врз Киjив и дека две нуклеарни боеви глави, наводно, се на аеродромот, но не се вооружуваат во авионите во овој момент. Тоа кореспондираше со најавите дека Русија ќе го искористи нападот со дрон врз Кремљ, за кој постојат основани сомневања дека самата го организирала, за да организира одмазднички напади врз Кијив, и со барањето на одредени високи кругови во Москва нападите да бидат со ефикасно оружје кое ќе ја уништи Украина.
За среќа, барем засега, се испостави дека и овојпат, како и многу пати досега, ова беше уште еден потег на Москва во нејзините операации со „лажни знамиња“ да нарача лажни објави, со цел да креира страв и паника од употреба на рускиот „супериорен “ нуклеарен арсенал.
Д. Мишев