Директорката на Лувр призна „страшен пропуст“ по милионската кражба на кралски накит

Директорката на парискиот музеј Лувр, Лоренс де Кар, призна дека во безбедносниот систем на музејот постоеле сериозни пропусти, откако од најпознатиот музеј во светот беа украдени осум кралски експонати вредни повеќе од 100 милиони долари.

Во сведочење пред францускиот Сенат, де Кар изјави дека Лувр располага со застарена инфраструктура која не овозможува интеграција на современи безбедносни технологии, и дека недостатокот од камери и надзорни пунктови бил клучен во дозволувањето на брзата и прецизна кражба.

„Денес се соочуваме со страшен неуспех во Лувр, за кој преземам дел од одговорноста,“ изјави директорката, додавајќи дека ја понудила својата оставка, но француската министерка за култура не ја прифатила.

Кражбата се случила во неделата, кога четворица крадци, користејќи индустриски лифт и мотори за бегство, успеале за помалку од четири минути да провалат во Галеријата „Аполон“, да скршат две витрини и да украдат дијамантски предмети што припаѓале на француската кралска фамилија.

Француската полиција идентификувала четири лица на местото на настанот, а околу 100 истражители работат на откривање на сторителите и нивните соучесници. Дел од накитот, меѓу кои и наводна круна на сопругата на Наполеон III, царицата Евгенија, веќе е пронајден, пренесуваат француските медиуми.

Лувр денес повторно ги отвори вратите за посетители, но Галеријата „Аполон“ останува затворена, со поставен заштитен параван додека трае истрагата.

Зачлени се на нашиот е-билтен