Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Директорот на МААЕ, Гроси разговараше со локалното население во Фукушима

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси денеска разговараше со жителите на Фукушима за време на неговиот престој во Јапонија за да ги слушне нивните ставови за планот за испуштање на отпадните води од оштетената нуклеарна централа во океанот.

МААЕ го одобри планот на јапонската Влада да испушти во океанот околу 1,33 милиони тони отпадна вода од нуклеарната централа Фукушима, чии три реактори беа оштетени во земјотресот и цунамито во 2011 година.

Агенцијата вчера оцени дека планот е во согласност со „меѓународните безбедносни стандарди“ и дека ќе има „незначително влијание врз населението и животната средина“.

На состанокот во Иваки, на околу 60 километри од електраната, Гроси, сепак, призна дека останува загриженоста затоа што информациите на хартија се едно, а реалноста, луѓето, нивното расположение и перцепции се друго и можат да бидат сосема поинакви.

Претседателот на Кооперативната федерација на рибари на Фукушима, Тецу Нозаки, рече дека јапонската Влада погрешно ги разбира локалните чувства, и дека силно се противат на проектот.

„Ние рибарите немаме друг избор освен емотивно да реагираме и да ја зајакнеме нашата позиција“, му рекол Нозаки на Гроси, додавајќи дека улогата на МААЕ не е „да прикрие нешто лошо“.

Соседните земји како Кина се противат на овој проект.

Извештајот објавен од МААЕ не може да послужи како „штит“ или „зелено светло“ за Јапонија да испушти нуклеарно контаминирана вода во океанот, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

Гроси денеска треба да ја посети централата во Фукушима, а потоа да отпатува во неколку соседни земји, меѓу кои е и Јужна Кореја. 

Најново