Норвешкиот Нобелов институт ја откажа планираната прес-конференција со годинешната добитничка на Нобеловата награда за мир, Венецуеланката Марија Корина Мачадо, поради тоа што таа има забрана за патување изречена од владата на претседателот Николас Мадуро. Мачадо веќе повеќе од една година се крие, а институтот соопшти дека не располага со информации за нејзината актуелна локација.
„Знам дека сака да присуствува и дека е на пат, но тоа е сè што во моментот можам да кажам“, изјави Кристијан Берг Харпвикен, директор на Нобеловиот институт и постојан секретар на комитетот. Не е извесно дали Мачадо ќе успее да стигне во Осло навреме за церемонијата.
Доделувањето на наградата треба да се одржи утре во градската општина во Осло, во присуство на кралот Харалд, кралицата Соња и најмалку четворица латиноамерикански лидери, меѓу кои аргентинскиот претседател Хавиер Милеј и еквадорскиот претседател Даниел Нобоа.
Прес-конференцијата, која првично беше закажана за денеска напладне, најпрвин беше одложена, а потоа целосно откажана. Нобеловиот институт соопшти дека Мачадо предупредила дека патувањето до Норвешка би било исклучително тешко.
Мачадо ја доби наградата за нејзината борба против, како што беше оценето, „диктатурата“ во Венецуела. Таа јавно му се придружи на американскиот претседател Доналд Трамп во тврдењата дека режимот на Мадуро е поврзан со криминални банди кои претставуваат закана за безбедноста на САД поради приливот на наркотични средства.
По објавата дека ја освојува наградата во октомври, Мачадо изјави дека делумно ја посветува на Трамп, кој пак тврдеше дека и самиот ја заслужува.
На Мачадо ѝ беше забрането да учествува на претседателските избори во 2024 година и покрај тоа што убедливо победи на опозициските предизбори. Таа се сокри во август 2024 година, кога започнаа масовни апсења на опозициски претставници.
Иако изборната комисија и врховниот суд го прогласија Мадуро за победник, опозицијата и меѓународни набљудувачи тврдат дека Мачадо навистина победила, при што опозицијата ги објави резултатите од избирачките места како доказ.

