Добитничката на Нобеловата награда за мир Марија Корина Мачадо изјави дека планира да ја врати наградата во Венецуела, но не откри кога ќе се врати во татковината, откако во строга тајност отпатувала во Осло за да ја прими наградата, пренесуваат Hina и Reuters.
Венецуелската опозициска политичарка пристигнала во норвешкиот главен град дури во четврток рано изутрина, пропуштајќи ја официјалната церемонија што била одржана само неколку часа претходно. Педесет и осумгодишната инженерка тајно ја напуштила Венецуела, и тоа спротивно на повеќегодишната забрана за патување што ѝ ја изрекоа властите, по повеќе од една година помината во криење.
„Дојдов да ја примам наградата во име на венецуелскиот народ и ќе ја вратам во Венецуела во вистинскиот момент“, изјави Мачадо во норвешкиот парламент, одбивајќи да прецизира кога ќе се случи тоа.
Кога во октомври ја освои Нобеловата награда за мир, дел од признанието го посвети на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно изјави дека и самиот заслужува ваква чест. Мачадо отворено се вбројува меѓу „јастребите“ блиски до Трамп, кои тврдат дека претседателот Николас Мадуро е поврзан со криминални банди што претставуваат директна закана за националната безбедност на САД, и покрај сомнежите изразени од американската разузнавачка заедница.
На прес-конференцијата новинарите ја прашале дали би поддржала американска интервенција во Венецуела. „Мојата земја веќе е нападната од актери како руски и ирански агенти и наркокартели“, одговорила таа. „Ова ја претвори Венецуела во криминален центар на Америка. А режимот го одржува моќен и силно финансиран систем на репресија.“
Мачадо посочила дека средствата што го потхрануваат овој систем доаѓаат од трговија со дрога, нелегално нафтено тргување, трговија со оружје и трговија со луѓе. „Треба да ги намалиме тие текови“, додала таа.
Таа исто така изразила уверување дека владеењето на Мадуро ќе заврши и дека земјата мора да се подготви за политичка транзиција. „Ќе се вратам во Венецуела, без оглед кога Мадуро ќе си замине. Тој сигурно заминува, но моментот ќе зависи од тоа кога ќе го довршам она што го започнав“, изјави Мачадо, не откривајќи детали.