Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Доделени Златните глобуси – Наградите ги избираат 334 новинари од 85 земји

На 82. доделување на наградите „Златен глобус“, кое ги наградува телевизиските и филмските достигнувања, филмот „Бруталист“ беше прогласен за најдобра филмска драма за 2024 година, додека мјузиклот „Емилија Перез“ ја освои наградата за најдобар филмски мјузикл. Меѓу наградените актери се Фернанда Торес, Деми Мур, Адриен Броди и други.

Адриен Броди ја доби наградата за најдобар актер во драмски филм за неговата улога во „Бруталист“, а Деми Мур ја освои наградата за најдобра актерка во мјузикл или комедија за главната улога во „Супстанција“ (The Substance), приказна за актерка која ја бара „фонтаната на младоста“.

Наградата за најдобра актерка во филмска драма ѝ припадна на Фернанда Торес за нејзината улога во „Сѐ уште сум тука“ (I’m Still Here), а најдобар актер во мјузикл или комедија стана Себастијан Стен за „Различен маж“ (A Different Man). Златниот глобус за најдобра споредна машка улога го доби Киеран Калкин за филмот „Вистинска болка“ (A Real Pain), а наградата за најдобра споредна актерка ѝ припадна на Зои Салдана за мјузиклот „Емилија Перез“.

Режисерот на филмот „Бруталист“, Брејди Корбет, беше прогласен за најдобар режисер за 2024 година, а наградата за најдобар анимиран филм ја доби „Ток“. „Емилија Перез“ беше прогласен за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, додека Питер Штроган ја доби наградата за најдобро сценарио за филмот „Конклава“ (Conclave).

За најдобро кинематографско и боксофис остварување, награда доби мјузиклот „Злобни“ (Wicked), а најдобра ТВ серија стана „Шогун“ (Shogun). Наградата за најдобра хумористична/музичка серија ја доби „Хакс“ (Hacks). Меѓу многуте наградени беа и актерите Колин Фарел, Џоди Фостер и други.

Церемонијата ја водеше Ники Глејзер, а на црвениот тепих, познатите личности блескаа во елегантни фустани, најчесто во црни, златни и сребрни комбинации, понекогаш со акценти во црвена или темно зелена боја.

Аријана Гранде, ѕвезда на мјузиклот „Злобни“, се издвои во жолта тоалета од Живанши со боди од мониста, за која рече дека е во чест на жолтиот пат што води до Оз во мјузиклот.

Наградите ги избираат 334 новинари од 85 земји, а гласачкото тело на Златните глобуси беше проширено во последниве години поради критики за етички пропусти и недостаток на различност.

Зачлени се на нашиот е-билтен