Додик во Москва – се подготвува уште една потерница

Милорад Додик, по кого Судот на Босна и Херцеговина распиша централна потерница, се јави од Москва. Додека се чека одлуката на Интерпол, се подготвува уште една потерница.

Од Бања Лука до Белград, па до Тел Авив на меѓународна конференција за антисемитизам, и на крајот во Москва – ова е патот што претседателот на Република Српска, Милорад Додик, го помина во последните неколку дена, и покрај тоа што по него беше распишана централна потерница од Судот на БиХ. Додик, иако под надзор на граничните служби, синоќа се огласи од Москва со подолга порака од претходната мистериозна „Стигнав“, испратена пред два дена.

„Стигнав во Москва. Секое мое доаѓање овде го започнувам со посета на споменикот на Незнајниот јунак, во чест на 28 милиони загинати Руси во Втората светска војна“, напиша Додик на платформата Икс, со што ги прекина шпекулациите околу неговата локација.

Средба со Путин?

„Тука повторно ќе бидам на 9 мај, на покана од претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, за одбележување на 80-годишнината од победата над фашизмот“, рече Додик. Тој ја искористи оваа прилика за да ја искаже својата поддршка за Русија и да ја истакне „нејзината способност да ја брани својата самостојност и независност“.

„Затоа претседателот Путин несомнено е историски лидер на рускиот народ. Тој не само што донесе слобода на својот народ, туку беше и првиот што се спротивстави на глобалистичката елита, која се обиде да ја разедини Русија, но не успеа во тоа“, додаде Додик, кој денес треба да се сретне со Путин.

Аналитичарите сметаат дека Додик со оваа средба се обидува да добие поддршка за своите политички чекори во БиХ и да ја ублажи американската политика кон Република Српска преку посредство на Москва, пишува „Дојче веле“ од Сараево.

Во својата порака од Москва, Додик ја спомна и Америка, пофалувајќи ја политиката на Путин и истакнувајќи дека „истрајал и дочека уште еден значаен сојузник во борбата против глобалистичката елита – претседателот на САД, Доналд Трамп“.

Институциите во БиХ под прашање

Дебатата за функционирањето на институциите во БиХ повторно се разгоре. Се поставува прашањето дали границата воопшто се контролира и дали безбедносните агенции можат да ги спроведат налозите на Судот на БиХ.

Членот на Претседателството на БиХ, Денис Бечировиќ, побара од институциите да ја исполнат својата должност, предупредувајќи дека ако тоа не се случи, ќе има одговорност.

„Системот и надлежните органи мора да одговараат за своите обврски. Тие што се платени да ја вршат својата работа мораат да дадат јасни одговори или да поднесат оставка“, рече Бечировиќ.

Во меѓувреме, нема официјални информации од правосудните институции или од Граничната полиција за тоа како Додик ја напуштил земјата. Слично беше и со неодамнешните премини на границата на претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, и премиерот на РС, Радован Вишковиќ, за кои исто така беа распишани потерници.

За Додик и Стевандиќ, во меѓувреме е распишана и меѓународна потерница, чие активирање треба да го потврди централата на Интерпол во Лион. Србија и Унгарија веќе поднесоа жалби до Интерпол, тврдејќи дека станува збор за политички мотивиран потег, а адвокатскиот тим на Додик очекува потерницата да биде одбиена поради политички конотации.

Нова потерница за Додик?

Додека се чека одлуката на Интерпол, Судот на БиХ активира нов случај против Додик, поврзан со малверзации при купување на вила во Белград во 2007 година, преку тогашната Павловиќ банка.

Додик е повикан на сослушување на 2 април, под сомнение за перење пари, примање мито и злоупотреба на службената положба. Доколку не се појави, веројатно ќе биде распишана нова меѓународна потерница, која Интерпол нема да може да ја отфрли врз основа на политички причини.

Додик тврди дека вилата е платена со кредит од Павловиќ банка, но медиумите пренесуваат дека парите биле подигнати дури една година по купувањето. Документите за кредитот биле заверени со печат на Владата на Република Српска, каде што Додик тогаш беше премиер.

Интересно е што и Обвинителството на Србија отвори случај во врска со оваа купопродажба, што според експертите, може да биде обид да се одземе аргументот на Судот на БиХ, доколку процесот се води пред српските правосудни органи.

Додик, исто така, е обвинет за загрозување на уставниот поредок на БиХ, поради неговите одлуки по првостепената пресуда со која доби една година затвор и шестгодишна забрана за политичко дејствување поради непочитување на одлуките на високиот претставник.

Сè уште е недостапен за институциите на БиХ, а безбедносните служби избегнуваат конфронтација меѓу државната агенција SIPA и полицијата на Република Српска.

Зачлени се на нашиот е-билтен