Доларот нагло ослабе поради намалениот кредитен рејтинг на САД

На девизните пазари, вредноста на доларот во однос на кошничката најважни светски валути нагло падна, откако кредитната агенција „Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на САД. Овој потег предизвика раст на приносите на американските државни обврзници и зголеми притисок врз американската валута.

Индексот на доларот, кој ја мери неговата вредност во однос на шест водечки валути, се намали за 1,9 проценти минатата недела, достигнувајќи ниво од 99,10 поени.

Истовремено, еврото зајакна за 1,7 проценти и достигна курс од 1,1360 долари. Доларот ослабе и во однос на јапонската јена, за 2,1 процент, па неговата вредност падна на 142,55 јени.

Притисокот врз доларот се засили поради одлуката на „Мудис“ пред околу десет дена да го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1. Причина за ова се наведуваат големиот дефицит на федералниот буџет, високите трошоци за финансирање и планираните даночни намалувања.

Јавниот долг на САД изнесува околу 36.200 милијарди долари и се проценува дека може да порасне за дополнителни 3.800 милијарди долари во следната деценија. Овој раст би произлегол од намерите на претседателот Доналд Трамп да ги намали даноците, што дополнително ја оптоварува фискалната состојба.

Иако намалувањето на даноците може да ја поттикне потрошувачката и да го поддржи економскиот раст, без намалување на владините трошоци, тоа би довело до уште поголем јавен долг.

Дополнителен притисок врз доларот се појави во петокот, кога Трамп повторно ги вознемири пазарите со закана дека од 1 јуни ќе воведе царини од 50 проценти врз производи од Европската унија, поради незадоволство од напредокот на трговските разговори меѓу САД и ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен