Вредноста на американскиот долар доживеа нагло опаѓање минатата недела, достигнувајќи најниско ниво во последните три години, што експертите го толкуваат како последица на ескалацијата на царинската војна меѓу САД и Кина и зголеменото повлекување на инвеститорите од американските државни обврзници.
Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на шесте најважни светски валути, се намали за 3 проценти, спуштајќи се на 99.78 поени – најниска вредност од 2022 година.
Во меѓувреме, еврото зајакна за 3.6 отсто, достигнувајќи курс од 1.1355 долари – највисоко ниво во последните три години. И јапонскиот јен зајакна за 2.3 проценти, при што доларот се тргуваше за 143.50 јени.
Царинска неизвесност
Пазарите реагираат на непредвидливата трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во последниот период најавува, па одлага, па повторно зголемува царини на увозот од Кина. Минатата недела, Трамп привремено одложи дополнителни царини за сите земји освен за Кина, но ја задржа основната стапка од 10% на речиси целосниот увоз.
Како одговор, Европската унија ги одложи своите контрамерки, но трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг продолжи. САД воведоа вкупна царинска стапка од 145% за кинеската стока, додека Кина возврати со 125% царини за американски производи.
Овие мерки сериозно го нарушуваат синџирот на набавки, ја зголемуваат инфлацијата и создаваат ризик од глобално економско забавување, па дури и рецесија.
„Егзодус“ од американската имотна актива
Иако доларот традиционално се смета за „сигурна валута“ во кризни времиња, зголемената економска неизвесност во САД и можната рецесија предизвикуваат инвеститорите да преминуваат кон други „безбедни засолништа“, како швајцарскиот франк и јапонскиот јен. Франкот достигна највисока вредност во однос на доларот во последните 10 години.
Истовремено, се забележува засилена продажба на американските државни обврзници. Приносите на 10-годишните обврзници пораснаа на 4.5%, што претставува скок од 40 базни поени за една недела – нешто што не се случило од 2001 година.
„Очигледен е егзодус од американската имотна актива“, вели аналитичарот Вин Тин од компанијата Brown Brothers Harriman. „Падот на доларот не се должи само на проценките за забавување на американската економија и трговската неизвесност – тоа е сигнал за пад на довербата во доларот и во кредибилитетот на американските политики.“