Во последниот квартал од 2024 година, емисиите на стакленички гасови предизвикани од економските активности во Европската унија достигнале 897 милиони тони еквивалент на јаглерод диоксид (CO₂), што е зголемување од 2,2 отсто во споредба со истиот период претходната година, објави Евростат.
Истовремено, бруто домашниот производ (БДП) на Унијата пораснал за 1,5 отсто, што укажува на истовремен економски раст и зголемено загадување.
Најголемиот придонес кон зголемените емисии доаѓа од домаќинствата, каде што е забележан раст од 5,2 отсто, како и од секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, со раст од 4,6 отсто.
И покрај ова, шест земји од ЕУ успеале да ги намалат емисиите, а најголеми намалувања се евидентирани во Естонија (–11,3%), Финска (–6,1%) и Шведска (–2,3%).
Особено е значајно што четири од тие шест земји – Естонија, Финска, Шведска и Луксембург – забележале економски раст, а сепак успеале да ги намалат емисиите, што укажува на можноста за одржлив економски развој со помала еколошка штета.