Домородни лидери упаднаа на самитот КОП30 во Бразил: судири со обезбедувањето и порака „Не можеме да јадеме пари“

Самитот за климата КОП30 во Бразил беше привремено прекинат по драматен упад на група домородни демонстранти кои насилно се пробија низ безбедносните бариери на влезот во комплексот на Обединетите нации во градот Белем, во срцето на Амазонија. Настанот предизвика судири со обезбедувањето и полесни повреди кај неколку лица.

Со транспаренти на кои пишуваше „Нашата земја не е на продажба“ и „Не можеме да јадеме пари“, демонстрантите бараа поголема заштита на шумите и крај на експлоатацијата на нивните територии.
„Сакаме нашите земјишта да бидат ослободени од агробизнис, истражување на нафта, нелегални рудари и нелегални дрвосечачи,“ изјави Нато, лидер на заедницата Тупинамба, додавајќи дека борбата за земјата е борба за опстанок.

Според сведоци, во турканицата едно лице од обезбедувањето било однесено во инвалидска количка со повреда во пределот на стомакот, додека друг имал расекотина над окото. Безбедносните сили подоцна го блокираа влезот со маси, а демонстрантите се повлекоа по краток судир.

Во официјалното соопштение на организаторите на самитот стои дека „група демонстранти ги пробиле бариерите на главниот влез, предизвикувајќи полесни повреди на двајца членови на обезбедувањето и мала материјална штета“. Се наведува дека бразилските и ОН-властите ја презеле контролата и дека разговорите продолжуваат без понатамошни прекини.

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва претходно ги истакна домородните народи како клучен фактор во климатските преговори, истакнувајќи дека без нивна заштита на Амазон нема одржлива иднина. Дел од домородните лидери пристигнаа во Белем со бродови, со намера да учествуваат во расправите и да побараат поголемо влијание врз политиките за управување со шумите.

Познатиот домороден поглавар Раони Метуктире, во изјава за „Ројтерс“, предупреди дека голем дел од заедниците се загрижени поради растечките индустриски и инфраструктурни проекти што ја загрозуваат шумата. „Време е државата да ни ја врати нашата моќ – само домородните народи можат вистински да го заштитат Амазон,“ рече тој.

КОП30 ги собра околу 50.000 учесници од повеќе од 190 земји, кои во текот на двете недели ќе се обидат да усогласат мерки за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, постепено укинување на фосилните горива и поголема финансиска поддршка за посиромашните држави.

Според „Гардијан“, главна тема на разговорите ќе бидат националните стратегии за намалување на емисиите на стакленички гасови, бидејќи досегашните планови водат кон загрижувачко зголемување на глобалната температура за 2,5 степени, што би имало катастрофални последици за планетата.

Зачлени се на нашиот е-билтен