Двајца загинати и двајца повредени во денешниот инцидент во Холандија

Две лица се убиени утрово при насилен инцидент во холандскиот град Хофдорп, соопшти локалната полиција, додавајќи дека при полициската интервенција на место на настанот се повредени и двајца полицајци.

Како што јави холандскиот информативен портал НХ, Националниот оддел за кривични истраги на Холандија истражува што точно се случило.

Според холандското Јавно обвинителство, телата на двете убиени лица, чии идентитети не се соопштени, биле пронајдени во куќата во која се случил инцидентот.

  • Една жртва починала како резултат на прободување со нож, додека причината за смртта на втората жртва се уште се истражува, соопшти Јавното обвинителство.

Како што јави дописникот на МИА, Обвинителството додаде и дека полицијата отворила оган при интервенцијата, при што биле слушнати неколку истрели.

Портпарол на полицијата информира дека не може да каже како биле повредени двајцата полицајци, освен дека се наоѓаат во животна опасност. Дел од медиумите објавија снимки на кој се гледа еден полицаец со преврска на главата.

Полицијата претходно соопшти дека рано изутринава добила пријава оти „нешто се случува“ во една куќа во Хофдорп, место што се наоѓа западно од аеродромот Схипхол, по што неколку полицајци пристигнале на местото на настанот.

  • Добивме пријава за инцидент со прободување со нож на улицата „Фани Бланкерс-Кенлан“ во Хофдорп околу 6:00 часот утрово. Неколку амбулантни возила и мобилен медицински тим се на лице место. Истрагата за инцидентот е во тек, објави претпладнево Полициската управа на Северна Холандија на Икс.

НХ претходно јави дека во и околу куќата биле пронајдени „голем број ранети лица“, но дека полицијата „се уште не може да каже ништо за природата на нивните повреди“.

Според медиумските информации, на едно полициско возило кое пристигнало на местото на настанот била забележана крв, а очевидци изјавили и дека траги од крв може да се видат на самата улица пред куќата.

Куќата во која се случил инцидентот е се уште блокирана, а затворена за сообраќај е и улицата на која се наоѓа таа.

Медиумите јавуваат дека форензичката истрага за инцидентот се уште трае, а дополнително Националниот оддел за кривични истраги ја истражува и употреба на сила од страна на полицијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен