DW: Дали се на Блискиот Исток создава „исламско НАТО”?

Катар речиси ништо не можеше да направи против балистичките ракети што Израел ги испрати кон оваа земја пред две недели.

Според извештаите на медиумите, десетина израелски борбени авиони преминале преку Црвеното Море на 9 септември, внимателно избегнувајќи да влезат во воздушниот простор на други држави, пред да испратат ракети во т.н. напад „преку хоризонтот“. При ваков напад, балистичките ракети се искачуваат во горните слоеви на атмосферата или дури и во вселената, а потоа летаат кон целта. Крајната мета на израелските ракети биле припадници на милитантниот ХАМАС, кои се состанале во луксузен кварт во катарската престолнина Доха, за да разговараат за можен прекин на огнот во Газа. Шест луѓе загинале, иако изгледа дека тоа не биле оние што биле цел на нападот.

Со оглед на тоа што ракетите пристигнале неочекувано, „преко хоризонт“, Катар имал малку што да направи за да се одбрани. Едно од најважните средства за заштита на Катар од Израел не е поврзано со софистицираните противракетни системи. Најголемиот сојузник на Израел, Соединетите Американски Држави, имаат своја најголема воена база во регионот токму во Катар, и неодамна му доделија статус на „главен сојузник надвор од НАТО“.

Но, тоа не било доволно да го спречи Израел да изведе свој прв познат напад врз некоја заливска арапска држава. Очигледно, САД беа информирани за овој потег.

„Израелскиот напад… го наруши довербата на земјите во регионот кон нивните врски со САД и ќе ги приближи едни кон други“, напишала по нападот Кристин Диван, виша соработничка на Вашингтонскиот институт за државите на Арапскиот залив. „Овие нафтени монархи ги обединува една сличност… така што директен напад врз нивниот суверенитет и чувство на безбедност за сите нив е неприфатлив.“

Како последица на тоа, „владателите во Заливот продолжуваат да бараат поголема стратешка автономија и се повеќе се решени да ги намалат ризиците од зависност од САД“, оценувала Санам Вакил, директор на програмата за Блискиот Исток и Северна Африка при Четам Хаус, во својот текст за британскиот Гардијан.

Затоа во последните недели се зголемува зборувањето за формирање на „исламски НАТО“, одбранбен сојуз на исламски и арапски држави што би функционирал слично на западната воена алијанса.

На минатонеделниот вонреден самит на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка, египетските претставници предложија создавање на заеднички сили по примерот на НАТО. Во говорот на самитот, ирачкиот премиер Мохамед Шија ал-Судани исто така повикал на колективен пристап кон регионалната безбедност. Шест членки на Советот за соработка во Заливот (Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати) објавиле дека ќе ја активираат одредбата од заедничкиот одбранбен договор потпишан во 2000 година, кој вели дека нападот врз една членка е напад врз сите. Оваа формулација е слична на Членот 5 на Северноатлантскиот пакт.

По првиот самит, министрите за одбрана на земјите на Заливот одржале уште еден состанок во Доха и се согласиле да ја засилат размената на разузнавачки податоци и информации за состојбата во воздушниот простор, како и да забрзаат воспоставување на нов регионален систем за предупредување на балистички ракети. Исто така, најавени се заеднички воени вежби.

Истата недела Саудиска Арабија објави дека влегува во „стратешки договор за взаемна одбрана“ со Пакистан. Двете земји прогласија дека „секој напад на една земја ќе се смета за напад на двете“.

Дали ова е почеток на „исламски НАТО“?

Можеби сето тоа изгледа како да се создава „исламски НАТО“ за спротивставување на Израел, но реалноста е нешто поинаква, велат набљудувачите за DW.

„Сојуз по НАТО модел е нереален, бидејќи би обврзал земјите од Заливот на војни кои не ги сметаат за клучни за своите интереси. Ниту еден заливски владетел не сака да биде влечен во конфликт со Израел заради Египет, на пример“, вели Андреас Криг, вонреден предавач на Школата за безбедносни студии на Кралскиот колеџ во Лондон.

Сепак, по нападот на Доха, работите се менуваат. „Безбедноста во Заливот долго време беше заснована на логиката на покровителство — практично, плаќате некого да се грижи за вашата заштита“, објаснува Криг. „Таа логика сега почнува да се менува, но бавно.“

Забрзано, но со мали чекори, може да се види така наречениот формат „6+2“, вели Ќинција Бианко, експерт за земјите од Заливот при Европскиот совет за надворешни односи. Изразот „6+2“ се однесува на шестте држави членки на Советот за соработка во Заливот (GCC), плус Турција и Египет.

Бианко верува дека овој формат веќе се разгледува оваа недела на маргините на Генералната скупштина на Обединетите нации.

„Ова всушност не е Член 5 во вистинска смисла“, вели таа за DW. „Обврската на заливските држави за меѓусебна одбрана не е толку чврста како во НАТО. Поважно е тоа што станува збор за колективизирање на безбедносните и одбранбени ставови и, можеби најважно, за испраќање на порака за одвраќање на Израел.“

Воена помош од страна

Форматот „6+2“ има повеќе смисла отколку „исламски НАТО“, продолжува Криг. Турција е всушност „најпознат партнер за Заливот, со војска стационирана во Катар уште од 2017 година и реален капацитет да реагира брзо во кризи“. „Египет е посложен случај. Има воена сила, но неговата доверливост е доведена во прашање во некои престолнини на Заливот.“

Дури и ако се реализира форматот „6+2“, тоа ќе се случува бавно и дискретно, очекуваат и Криг и Бианко.

Зачлени се на нашиот е-билтен