Европската централна банка ја намали каматната стапка за 25 базични поени на 2%. Инфлацијата во еврозоната падна под целната стапка на ЕЦБ, достигнувајќи 1,9%.
Пред објавата, трговците сметаа на речиси 99% шанса за пад од четвртина поен.
„Одлуката за намалување на каматната стапка на депозитните расположиви средства – стапката преку која Управниот совет ја насочува монетарната политика – се базира на ажурирана проценка на инфлаторните перспективи, динамиката на основната инфлација и силата на преносот на монетарната политика“, се наведува во соопштението на ЕЦБ.
Инфлацијата во еврозоната падна под целната стапка на ЕЦБ од 2% во мај, достигнувајќи пониска од очекуваната 1,9%, според прелиминарните податоци објавени претходно оваа недела.
Сепак, економскиот раст останува слаб дури и кога каматните стапки се намалуваат. Најновата проценка покажува дека во првиот квартал од 2025 година, Еврозоната имаше раст од 0,3 отсто.
Одлуката на централната банка доаѓа во критично време за економијата на еврозоната, бидејќи бизнисите и креаторите на политиките се соочуваат со зголемена неизвесност поради растечките геополитички тензии.
Тарифната политика на американскиот претседател Доналд Трамп е главната загриженост, а се очекува царините да имаат значително влијание врз економскиот раст. Некои од царините специфични за секторот би можеле да ја погодат Европа особено силно, бидејќи се погодени клучните индустрии како што се челичната и автомобилската индустрија.
Влијанието на царините врз инфлацијата е помалку јасно и би можело да зависи од тоа дали и како Европската Унија ќе возврати ударот, велат креаторите на политиките. Одмаздничките мерки на ЕУ во моментов се на чекање, но лидерите на блокот изјавија дека се подготвени да ги спроведат доколку е потребно. Исто така, остануваат прашања за тоа како плановите за зголемување на воените трошоци низ цела Европа би можеле да влијаат врз економијата, пишува Си-Ен-Би-Си.