ЕЦБ предупредува за ризиците по финансиската стабилност во еврозоната

Царинските спорови и нарушените односи во меѓународните сојузи би можеле, според Европската централна банка (ЕЦБ), да претставуваат ризик за финансиската стабилност во еврозоната.

-Сè поизразените несогласувања околу трговскиот план и поврзаните ризици за економскиот раст влијаат врз изгледите за финансиска стабилност, изјави денеска потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гиндос, сумирајќи ги наодите од полугодишниот извештај на централната банка за финансиската стабилност.

Ризикот од економски пад е зголемен, при што особено берзите и натаму „остануваат чувствителни на ненадејни и остри прилагодувања“, посебно ако се има предвид променливата трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, забележа Централната банка на еврозоната.

„Од претседателските избори во САД во 2024 година, неизвесноста дополнително се зголеми бидејќи новата американска Влада го промени правецот во неколку области на политиката“, се наведува во полугодишниот извештај за финансиска стабилност.

Трговските ограничувања и зголемувањето на царините веројатно ќе дејствуваат како товар, првенствено за извозно ориентираните компании во Европа. Доколку ова доведе до отпуштања, ЕЦБ верува дека ризикот би можел да се зголеми за банките во еврозоната, како и за компаниите што нудат финансиски услуги, но немаат банкарска лиценца, бидејќи заемопримачите би можеле да имаат проблеми со отплатата на долговите.

Мноштвото милијарди што Европа планира да ги инвестира во својата одбрана, исто така, не се без ризици, сметаат во Централната банка на Еврозоната.

И додека ваквите инвестиции имаат потенцијал да го поттикнат економскиот раст, повисоките трошоци за одбрана, заедно со други структурни предизвици како што се климатските промени, дигитализацијата и стареењето на населението, „би можеле дополнително да ја влошат веќе затегнатата фискална состојба на некои влади од еврозоната“, предупреди ЕЦБ.

Зачлени се на нашиот е-билтен