Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Еден загинат во четврта престрелка за три дена во Брисел

Еден маж е убиен рано изутринава во нов оружен инцидент во бриселската населба Андерлехт, кој, според локалните власти, е поврзан со шверц на дрога, јави дописникот на МИА од Брисел.

  • Околу 4 часот утрово одново се пукаше во Андерлехт. Има едно загинато лице, маж кој допрва треба да биде идентификуван, изјави претпладнево портпаролката на локалниот полициски реон Сара Фредерикс.

Таа додаде дека во тек е истрага за расветлување на околностите при кои се случил инцидентот и дека на местото на настанот излегле истражен судија и форензичари.

Ова е четврти оружен инцидент во Брисел во последниве три дена, од кои три се случија во Андерлехт, а еден во соседната населба Сен Жос. И денешниот инцидент, како и претходните два во Андерлехт, се случил во близина на метро станицата „Клемансо“.

Според градоначалникот на Општина Андерлехт, Фабрис Кампс станува збор за војна меѓу криминални групи за контрола на територија.

  • Ова насилство веројатно е војни меѓу мафиите. Тие водат војна за „трева“, изјави Кампс за државното радио РТБФ.

Тој побара зголемено полициско присуство на терен и апелираше општините да добијат „соодветни и доволни ресурси“ за да можат да ги „обезглават“ криминалните мрежи кои стојат зад овие акти на насилство.

По четирите оружени инциденти за три дена, сите полициски реони на територијата на Брисел се ставени под единствена команда. За да се зголеми безбедноста решено е полициски припадници од другите полициски реони да патролираат на териториите на бриселски општини околу централната железничка станица „Брисел-Миди“ – Андерлехт, Сен Жил и Форест.

По последниот инцидент се огласи и новиот белгиски министер за внатрешни работи Бернар Квинтан, кој најави создавање на единствен полициски реон во Брисел.

  • Тоа е предвидено со коалицискиот договор и ќе го реализираме. Мораме брзо да дејствуваме. Криминалот се шири, па затоа мораме да го сториме и тоа, изјави Квинтан за државната телевизија ВРТ.

Според него, целта на ваквата мерка е зголемување на безбедноста на граѓаните, бидејќи со воспоставувањето на единствена зона ќе се ослободат дополнителни ресурси.

  • Не станува збор за одземање овластувања. Тоа е прашање на ефикасност. Само на тој начин ќе можеме да одговориме на барањата за безбедност, додаде Квинтан.

Во вчерашниот инцидент во близина на метро станицата „Клемансо“ во Андерлехт, што се случил околу 3.30 часот, беше рането едно лице, кое се здобило со повреди во ногата. Ден пред тоа, околу 6.15 часот, две лица со качулки, вооружени со „Калашникови“, отворија оган од автоматското оружје кај „Клемансо“, по што побегнаа преку метро станицата низ тунелите на подземната железница.

Полицијата се уште трага по учесниците во овие инциденти и се обидува да утврди дали тие се меѓусебно поврзани.

Според податоците на бриселското Јавно обвинителство, лани на територијата на Брисел биле регистрирани 89 престрелки или оружени инциденти, при што загинале девет лица. Во 2023 година биле регистрирани 62 вакви инциденти, а во 2022-та 56.

Зачлени се на нашиот е-билтен