Едно лице загина при уривање на надградба на хиндуистички храм во Јужна Африка

Едно лице загина, а осуммина се повредени кога се урнала повеќекатна доградба на хиндуистички храм во местото Верулам, на истокот на Јужна Африка, соопштија локалните власти.

Според прелиминарната истрага на општината Еткевини, објектот што се урнал бил нелегално изграден. Спасувачките екипи и денеска работат на расчистување на урнатините и извлекување на повредените.

Прем Балрам од приватната безбедносна компанија „Reaction Unit South Africa“ изјави дека срушената доградба била висока три до четири ката и претставувала проширување на храмот. Тој додаде дека меѓу урнатините можеби се наоѓа и еден од сопствениците на верскиот објект.

Инцидентот потсетува на трагедијата од минатата година, кога при уривање станбена зграда во изградба на југот на земјата загинаа повеќе од 30 градежни работници. Истрагата тогаш утврди дека несреќата била резултат на лошо проектирање и неквалитетни материјали.

Зачлени се на нашиот е-билтен