Египетскиот министер за надворешни работи, Бадр Абделати, чии земја игра клучна улога како посредник во обидите за завршување на конфликтот во Газа, оцени дека тврдењата дека раселувањето на Палестинците е доброволно се „апсурдни“. Израел претходно ги повика жителите на Газа да се повлечат кон јужниот дел на Појасот додека неговите сили напредуваат кон централните урбани области.
„Ако во Газа постои вештачки предизвикана глад, тоа е со цел да се иселат жителите од нивната земја. Да се каже дека станува збор за доброволно раселување е бесмислено“, изјави Абделати на заедничка прес-конференција со главниот комесар на Агенцијата на ОН за палестински бегалци, Филип Лазарани.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поддржа идеја Палестинците да имаат можност за доброволно иселување и предложи нивни прием во други земји, наведувајќи дека станува збор за основно човеково право секој да избере каде ќе живее, особено во време на војна.
Абделати исто така истакна дека поради тврдата позиција на Израел, доцни постигнувањето на примирје. Египетските власти преговараат за спроведување на најновиот предлог за прекин на огнот, кој вклучува 60-дневно примирје и размена на дел од заложниците, како и ослободување на некои палестински затвореници.
Претходните обиди за примирје, договорени со Хамас во август, предвидуваа обустава на израелските воени операции и создавање рамка за траен договор за завршување на речиси двегодишниот конфликт.