Европската комисија усвои работна програма за 2025 година за иницијативата „Хоризонт Европа“, со која се предвидуваат инвестиции од над 7,3 милијарди евра за зајакнување на истражувањата и иновациите, со што ќе се поттикне современата наука, ќе се забрзаат зелените и дигиталните транзиции и ќе се подобри конкурентноста на Европа.
Целта на иницијативата „Хоризонт Европа“, во која е вклучена и земјава, е да се помогне во привлекувањето и задржувањето на врвни истражувачи во Европа, како и да им се обезбеди поддршка на научниците погодени од војни и раселувања.
Првиот конкурсот за аплицирање на средства од програмата за 2025 година ќе биде отворен утре. Иницијативата се фокусира на одржување на слободната и отворена наука, инвестирање во таленти и поттикнување на иновациите во Европа, во чии рамки се исплаќа дополнителен надоместок за истражувачите кои се преселуваат во Европа и се обезбедува долгорочна поддршка за врвни таленти.
Според извршниот потпретседател на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија, Стефан Сежурне, овие 7,3 милијарди за 2025 година ќе придонесат за зголемување на европскиот просперитет и конкурентност, за справување со клучните предизвици во безбедноста и одбраната и ќе го олеснат преминот на истражувачите во ЕУ.
- Истражувањето и иновациите се во сржта на европската конкурентност, потенцира Сежурне.
Еврокомесарката за стартапи, истражување и иновации Екатерина Захариева истакна дека работната програма на „Хоризонт Европа“ за 2025 година е дизајнирана со цел да ги помести научните граници, да привлече и задржи врвни таленти и да ги зајакне европскиот истражувачки потенцијал и глобална предност.
- Со 36 отсто од средствата за дигитални иновации и 1,6 милијарди евра за вештачка интелигенција и со силен фокус на климата, безбедноста и индустријата, таа ќе донесе вистински резултати во пракса, изјави Захариева.
Според неа, ваквите мерки се преземаат, бидејќи од истражувањето и иновациите зависат економската сила, конкурентноста и квалитетот на животот во Европа.
Клучни аспекти на работната програма на „Хоризонт Европа“ за 2025 година се исполнување на приоритетите на ЕУ за истражувањето и иновациите, забрзување на остварувањето на климатските и дигиталните цели, поттик на истражувањата и иновациите во автомобилската индустрија, поедноставување на процедурите, поддршка на талентите, ревитализација на европските населени места и помош за истражувачите од Украина и Газа.
Во тие рамки, како дел од програмата „Активности Марија Склодовска-Кири“, ќе биде обезбедена поголема поддршка за украинските научници и ќе започне имплементацијата на нов пилот-проект „Изберете ја Европа на науката“, наменет за поддршка на истражувачите.
„Хоризонт Европа“ е иницијатива на ЕУ за поддршка на истражувањето и иновациите, која за периодот 2021-2027 година има буџет од 93,5 милијарди евра. Поголемиот дел од средствата од иницијативата се распределуваат врз основа на конкурси на кои заинтересираните поединци или институции може да аплицираат со конкретни проекти.