Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕК: Немаме проблем во снабдувањето со гас, обезбедени се алтернативни рути

Фото: rawpixel.com

Европската гасна инфраструктура е флексибилна, снабдувањето е обезбедено со алтернативни патишта преку Германија и Италија, како и повлекување од складиштата, соопшти Европската комисија.

Дирекцијата за енергетика на Европската комисија соопшти, по повод истекот на договорот за транзит на руски гас преку Украина, дека ЕК и земјите-членки потврдуваат дека нема проблеми во снабдувањето со гас во новата година.

На вонредниот состанок на Координативната група за снабдување со гас, Комисијата и земјите-членки од Централна и Источна Европа ја оценија ситуацијата и потврдија дека, благодарение на ефективни подготовки и координација во регионот и пошироко, нема загриженост во врска со безбедноста на снабдувањето.

„Снабдувањето со гас се обезбедува по алтернативни патишта (Германија, Италија) и повлекување од складиштата. Европската гасна инфраструктура е флексибилна и прилагодена за прием на гас што не е од руско потекло“, се наведува во соопштението.

Исто така, додаваат од Дирекцијата, од 2022 година значително се зајакнати новите капацитети за увоз на течен природен гас (ЛНГ).

„Нивото на складирање од 72 проценти е малку над просекот (69 проценти) за овој период од годината. Комисијата одржува редовен мониторинг и комуникација со земјите-членки и учесниците на пазарот, со цел да се обезбеди безбедност на снабдувањето на најпогодените земји-членки и да се спречат шпекулации“, се заклучува во соопштението.

Зачлени се на нашиот е-билтен