ЕК утврдила дека Мета и ТикТок ги прекршиле обврските за транспарентност

Фото: Sébastien Bertrand, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Европската комисија соопшти дека според нејзините прелиминарни наоди, американската компанија Мета и кинеската платформа ТикТок ги прекршиле обврските за транспарентност и пристап до податоци, предвидени со Законот за дигитални услуги (DSA).

Комисијата наведе дека платформите не им овозможиле на истражувачите соодветен пристап до јавните податоци, со што ја ограничиле нивната можност да утврдат дали корисниците, вклучително и малолетниците, се изложени на незаконита или штетна содржина.

Ограничен пристап и неефикасни механизми за пријавување

Според извештајот, Фејсбук, Инстаграм и ТикТок воспоставиле сложени и нецелосни процедури за пристап до податоци, што резултирало со делумни и непроверливи информации. Ова, според Комисијата, ја нарушува јавната контрола врз влијанието на платформите врз физичкото и менталното здравје на корисниците.

Кога станува збор за Мета, се наведува дека Фејсбук и Инстаграм не обезбедуваат едноставен и достапен механизам за пријавување незаконита содржина, како што се материјали со сексуална злоупотреба на деца или терористички содржини. Наместо тоа, компанијата користи „обманувачки дизајн на интерфејсот“, кој вклучува непотребни чекори и дополнителни барања за корисниците.

„Таквите практики можат да бидат збунувачки и обесхрабрувачки, а механизмите на Мета за означување и отстранување незаконита содржина се неефикасни,“ оценува Европската комисија.

Недостаток на фер постапка при жалби

Законот за дигитални услуги предвидува дека корисниците во ЕУ имаат право да оспорат одлуки за модерирање на содржини, но според Комисијата, ниту Фејсбук ниту Инстаграм не овозможуваат транспарентна можност за поднесување објаснувања или докази во жалбениот процес. Ова, како што се наведува, го ограничува правото на фер постапка за корисниците.

Потенцијални санкции до 6% од глобалниот приход

Мета, Инстаграм и ТикТок имаат можност да одговорат на прелиминарните наоди и да преземат корективни мерки. Доколку се потврди дека ги прекршиле обврските од DSA, Европската комисија може да изрече парични казни до 6% од нивниот глобален годишен приход, како и дополнителни периодични казни за да ги принуди на усогласување.

Реакции на компаниите

Портпаролот на Мета, Бен Волтерс, ги отфрли наодите и изјави дека компанијата „веќе ги подобрила своите системи за пријавување содржина, жалбени процеси и пристап до податоци“ и дека е уверена дека нејзините решенија се во согласност со европското законодавство.

Од ТикТок, портпаролот Паоло Ганино порача дека компанијата внимателно ги разгледува наодите и смета дека барањата на Комисијата за олеснување на пристапот до податоци можат да влезат во судир со регулативите за заштита на приватноста (GDPR). Тој нагласи дека речиси 1.000 истражувачки тимови веќе добиле пристап до податоците на платформата преку официјалните алатки.

Оваа постапка е дел од пошироката стратегија на Европската унија за строга примена на Законот за дигитални услуги, со кој се бара од големите платформи поголема транспарентност, отчетност и заштита на корисниците.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен