Експертите советуваат: На овие седум дестинации не патувајте во лето

Летната сезона 2025 е на прагот, а вие сигурно веќе правите планови каде сакате да одите. Ова не значи само посета на плажи, туку и популарни градови и дестинации за кои мечтаете.

Сепак, според експертите за патување на Travel off Path, ако една од следниве 7 дестинации е на вашата листа за ова лето, подобро да се откажете и да ја замените со некоја друга (во близина), а која ќе ви понуди подеднакво уживање.

Тоа не значи дека никогаш не треба да ги посетите, напротив, сите тие се места кои вреди да се видат, но не во лето, кога бројот на туристи расте, исто како и температурите, па овие градови стануваат неподносливи.

Ова се најлошите дестинации за патување преку лето (и причините зошто е тоа така):

Венеција, Италија
Гондоли, канали, волшебна архитектура. И премногу луѓе на мал простор.

Венеција со години се бори со прекумерен туризам, а летото е најлошо време да ја посетите.

Замислете си дека се обидувате да се пробиете низ тесните улички, едвај ги преминувате мостовите зашто сите сакаат да застанат и да се фотографираат, а на сите ваши фотки има повеќе туристи отколку „зрнца песок на плажа“.

И сето тоа дополнето со жешкото италијанско сонце.

Градот воведе и туристичка влезница и за да го ограничи бројот на луѓе кои дневно циркулираат низ улиците на Венеција, но и да собере средства со чија помош ќе спречи нејзино тонење.

Иако Венеција е прекрасна и еден од најубавите градови во светот, летните гужви можат целосно да ви го уништат искуството.

Наместо тоа размислете за Тревизо. Откај нас се стигнува директно со авион, а градо се наоѓа на кратко возење со воз од Венеција.

Овој шармантен град има средновековни ѕидини и канали и нуди слична естетика, но без толпите туристи.

Барселона, Шпанија
Барселона е уметнички и неодолив град, но во последниве години стана симбол на град со туристичка пренатрупаност.

Голем број локални жители протестираат против негативното влијание на масовниот туризам во градот – зголемување на кириите, премногу гужва насекаде и фактот што градот ја губи својата автентичност.

Точно, во Барселона можете да се забавувате одлично, но бидете подготвени да чекате со часови за да влезете во атракциите како што се Саграда Фамилија или Парк Гуел, а не е исклучено и да „влетате“ среде демонстрации.

А поради високите температури и летната жега, градот може да ве замори.

Наместо тоа, размислете за Валенсија. Третиот по големина град во Шпанија нуди совршена мешавина од историја, модерна архитектура, плажи и фантастична храна, а притоа е многу потивок од Барселона.

Санторини, Грција
Сини куполи врз белите куќи на карпи прават Санторини да изгледа како бајка.

Но, ако решите да го посетите на лето, подгответе се за хаос.

Познатиот грчки остров, освен што го посетуваат туристи кои доаѓаат тука на летување, секојдневно се „бори“ и со бројните туристи од огромните крузери кои секојдневно се закотвуваат таму.

Поради ова улиците се преполни, место за седнување во таверните и кафулињата скоро и да нема (без разервација), а поради бројните туристи, цените вртоглаво растат.

Санторини навистина личи идеално на Инстаграм, но во реалноста е далеку од идиличната слика.

Наместо тоа, размислете да го посетите Наксос. Најголемиот остров од Кикладите има прекрасни плажи, традиционални села, антички урнатини и автентична атмосфера – без хистеричните толпи и „лудите“ цени како на Санторини.

Брегот Амалфи, Италија
Возењето по крајбрежјето на Амалфи е сон на многумина. Но, тој сон во лето лесно може да се претвори во кошмар, бидејќи тесните, кривулести патишта се преполни со автомобили.

Преполни со туристи се и местата како Позитано и Амалфи, па нема да можете да најдете место ни за јадење, ни за опуштено да отидете на плажа, бидејќи плажите се мали и преполни.

Сместувањето во овој дел од Италија се резервира со месеци однапред, а цените и тогаш се вртоглави.

Наместо тоа, размислете за брегот Чиленто. Појужно од брегот на Амалфи, во истиот регион, Чиленто нуди долги плажи, мирни села, антички урнатини и многу помалку луѓе.

Оваа област е национален парк и место заштитено од УНЕСКО – недопрено и автентично.

Амстердам, Холандија
Амстердам веќе некое време се обидува да ги ублажи негативните ефекти од туризмот, особено од „забавниот туризам“.

Тој и понатаму е прекрасен град кој мора да се види, но во лето можете да очекувате огромни толпи, колони пред музеите и преполни улици.

Наместо тоа, размислете за посета на Утрехт. Овој град често се нарекува „мал Амстердам“.

Има канали со кафулиња, историски центар и жива атмосфера – исто како Амстердам, но со помалку гужви и туристи.

Канарски Острови, Шпанија
Некои Канарски Острови (особено Тенерифе и Ланзароте) се соочуваат со протести од локалното население поради проблеми како што се недостигот на вода, притисокот врз природата и достапноста на становите.

Иако се убави и разновидни, овие острови можат да претставуваат вистински предизвик (и кошмар за туристите) во лето.

Размислете за Мадеира, Португалија. Овој португалски архипелаг нуди спектакуларни пејзажи, ботанички градини и единствена култура, сето тоа дополнето со многу помирна атмосфера и многу помалку тензија.

Рим, Италија
Рим можеби е вечниот град, но во лето може да биде навистина неподнослив.

Жешкиот камен, огромните толпи и редици од туристи пред атракциите како што се Колосеумот или Ватикан ја претвораат прошетката во овој историски град во вистинска борба.

Тешко е да уживате во чудата од минатото кога сте исцрпени од жештината и гужвите.

Наместо тоа, размислете да ја посетите Болоња.

Градот има богата историја, величествена архитектура, многу дрвја (и можност да се скриете од сонцето) и можеби најдобрата кујна во Италија. И сето тоа без стресот кој ќе го доживеете во Рим.

Зачлени се на нашиот е-билтен