Властите во Еквадор прогласија состојба на готовност поради сомнежи за можно атентатско сценарио насочено кон неодамна реизбраниот претседател Даниел Нобоа.
Како што се наведува во официјалното соопштение на владата, државата се соочува со сериозни закани од „терористички напади“ наводно планирани од групи кои влегуваат во земјата од Мексико и други земји од регионот.
Информациите се засноваат на наводни извештаи на военото разузнавање што протекоа на социјалните мрежи, во кои се тврди дека мета на нападите е токму шефот на државата. Владата ги осуди заканите, оценувајќи ги како обид за дестабилизација, којшто, според неа, доаѓа од криминални структури поврзани со политички групации кои биле поразени на последните избори.
„Силно го осудуваме секој обид за убиство на претседателот, претставници на државните институции или јавни службеници,“ стои во соопштението.
Нобоа, кој во неделата ја обезбеди победата во вториот круг од претседателските избори, се соочи со обвинувања од својата ривалка – левичарката Луиза Гонзалес – која тврди дека станувало збор за „гротескна изборна измама“. Политичката клима во земјата останува тензична, со засилени безбедносни мерки и зголемено присуство на силите на редот.