Елиминирани осомничените за убиството на украински полковник среде Киев

Украинските безбедносни служби успешно ја завршија специјалната операција за неутрализација на агентите кои стојат зад убиството на полковникот Иван Воронич, висок припадник на Службата за безбедност на Украина (СБУ). Според официјални информации, осомничените биле инфилтрирани агенти на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), кои делувале по строго тајна наредба.

„Ова беше професионално извршена ликвидација на украински офицер. Благодарение на навремени контраразузнавачки активности и дискретни претреси, ги лоциравме убијците. При обид за апсење, дојде до размена на оган, во која беа неутрализирани“, изјави директорот на СБУ, Васил Малјук.

Истражните органи утврдија дека убиството било извршено од двајца лица – маж и жена – кои неколку дена го следеле Воронич и детално ја анализирале неговата рутина. Според добиените наредби, тие го ликвидирале наутро на 10 јули, во населбата Холосиевска во Киев, употребувајќи пиштол со пригушувач.

Според извори блиски до истрагата, напаѓачот испукал пет куршуми од близина, по што побегнал. Полковникот починал на лице место. Властите веднаш започнале интензивна потрага, која во рок од 72 часа резултирала со откривање на скривалиштето на осомничените и нивна ликвидација.

Иван Воронич важеше за еден од клучните оперативци на СБУ. Според американскиот весник The New York Times, тој учествувал во неколку специјални мисии надвор од украинската територија, меѓу кои и акцијата за елиминирање на рускиот командант Арсен Павлов – познат како „Моторола“ – како и операции на територијата на Курскиот регион во Русија.

Официјален Киев го нарече убиството на Воронич „удар врз државната безбедност“, но истовремено истакна дека одговорот бил брз и прецизен.

Зачлени се на нашиот е-билтен