Европскиот парламент денеска во Стразбур ја почнува расправата за предлогот на Законот за вештачка интелигенција (ВИ), кој содржи и контроверзни амандмани воведени во последен момент за употребата на вештачката интелигенција за препознавање на лица и биометриска идентификација во јавноста.
Европската унија веќе две години расправа за законот, кој би можел да стапи во сила на почетокот на 2025 година, а со кој ќе се регулира секој производ или услуга што користи систем на вештачка интелигенција.
Законот, како што е предложен, предвидува примената на вештачката интелигенција да се подели на четири нивоа на ризик, од минимално до неприфатливо. „Системите со висок ризик“, кои на неприфатлив начин анализираат, предвидуваат и влијаат на социјалното однесување на луѓето, ќе бидат забранети со закон.
Категориите на „ризични системи“, како оние за вработување или наменети за деца, ќе се соочат со построги барања и рестриктивни правила во однос на транспарентноста и употребата на точни податоци.
Законот нема прекумерно да ги ограничува системите за „едноставна апликација“, категоријата во која најверојатно ќе се класифицира генераторот на текст ChatGPT. Она што е сигурно е дека сите сервиси кои ќе бидат креирани со помош на вештачка интелигенција ќе имаат посебни ознаки.
Исто така, според предлог-законот, компаниите кои сакаат да продаваат „ризични системи“ во Европа мора да исполнат строги барања и да воспостават управување со ризик за нивните производи.