Новите документи за Џефри Епштајн, објавени од Министерството за правда на САД, покажуваат дека финансиерот имал намера да ја купи зградата што и припаѓала на Југославија во Њујорк, позната како вилата на Тито.
Меѓу материјалите објавени пред неколку дена е и е-пошта што ја добил Епштајн со 26 фотографии од зградата, како и исечок од весникот „Њујорк пост“ со наслов: „За 50 милиони долари, можете да станете сопственик на последната вила од златното доба на Менхетен“.
На 10 декември 2018 година, Епштајн добил е-пошта од неговиот финансиски советник Дејвид Мичел, во која го информирал дека во зградата избувнал пожар и дека можеби е вистинско време да поднесе понуда. Финансиерот потоа испратил линк до публикацијата на „Њујорк пост“ на две е-адреси, наведувајќи дека зградата веројатно веќе вредела значително помалку поради пожарот.
На крајот, Епштајн не го купил имотот. Четири години подоцна, зградата била продадена за 50 милиони долари, при што Србија добила 40% од износот врз основа на Анекс Б од Договорот за сукцесија на имотот на поранешна СФРЈ во странство. На српската држава ѝ беа исплатени 7,5 милиони долари.
Интересен детаљ е што за време на обидот да ја стекне зградата, Епштајн го контактирал и поранешниот специјален претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, кој беше обвинет за фаворизирање на Србија во билатералните односи со Косово. На 25 октомври 2017 година, Епштајн му испратил порака во која напишал: „Отидов да ја посетам поранешната југословенска амбасада. Ми рекоа дека е на продажба, но дека е потребна согласност од сите пет влади – српската и другите. Интересно.“
Лајчак одговорил дека „никогаш нема да се сложат“. „Од 2001 година се обидуваат да постигнат договор за поделба на имотот и нема крај. За сè што е поврзано со поранешна Југославија или сегашните држави наследнички, треба да ме контактирате – ги познавам детално“, напишал тој.
Името на Мирослав Лајчак често се споменува во досиејата на Епштајн, а пред неколку дена тој поднесе оставка од функцијата советник на словачкиот премиер Роберт Фицо токму поради откритијата за контакти со педофилот.