Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика на обновување на преговорите меѓу Русија и Украина во Истанбул, оценувајќи дека војната продолжува да создава „разорни последици“ за двете страни.
Руски и украински делегации годинава се сретнаа трипати – во мај, јуни и јули – на бреговите на Босфорот. Ердоган, кој денеска во Анкара го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски, оцени дека враќањето на тој формат би било значаен чекор кон дипломатско решение.
Тој предупреди дека нападите врз украинската енергетска инфраструктура и човечките загуби создаваат „ненадоместлива штета“ и ја влошуваат ситуацијата.
„Ревитализацијата на истанбулскиот процес со пообемен рамковен пристап што ќе одговори на актуелните предизвици би била од голема корист“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател додаде дека Анкара останува подготвена да разговара со Москва за можноста за воспоставување прекин на огнот и отворање пат кон траен мир, истакнувајќи дека ја цени улогата на САД во досегашните напори.

