ЕУ ги потврдува трговските договори со Меркосур и Мексико

Европската комисија денеска ги упати на ратификација предлозите за трговски договори со земјите од Меркосур и со Мексико, како дел од стратегијата за отворање нови пазари и диверзификација на извозот во услови на зголемени тензии во трговските односи со САД и Кина.

„Овие значајни договори се клучен дел од стратегијата на ЕУ за диверзификација на трговските односи и зајакнување на економските и политичките врски со партнери ширум светот“, соопшти Комисијата.

По четврт век преговори, Европската унија и трговскиот блок Меркосур – кој ги обединува Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај – во декември минатата година постигнаа политички договор за слободна трговија.

Најголем противник на договорот е Франција, која стравува дека поевтините земјоделски производи од Јужна Америка ќе ја загрозат конкурентноста на француските земјоделци.

Во јануари годинава Комисијата ги заврши преговорите за модернизиран трговски договор со Мексико. За негово стапување во сила потребна е ратификација од сите земји-членки, додека привремените договори – што опфаќаат области во исклучива надлежност на ЕУ – ќе можат да важат по одобрување со квалификувано мнозинство во Советот на ЕУ и обично мнозинство во Европскиот парламент.

За да се заштитат европските земјоделци, договорот со Меркосур предвидува ограничувања на преференцијалниот увоз на месо и живина, како и заштитни механизми во случај на прекумерен увоз.

Со спогодбата со Меркосур се создава најголемата зона на слободна трговија во светот, со повеќе од 700 милиони потрошувачи. ЕУ очекува зголемување на годишниот извоз до 39% (49 милијарди евра), со поддршка за повеќе од 440.000 работни места низ Европа.

Европските земјоделски производители, исто така, ќе имаат корист од намалувањето на високите царини во Меркосур за клучни производи како вино, жестоки пијалаци, чоколада и маслиново масло.

Во однос на Мексико, модернизираниот договор ќе ги укине преостанатите високи царини за европските земјоделски производи – меѓу кои сирење, месо, овошје и чоколада – кои досега достигнуваа и до 100%. Дополнително, ЕУ ќе добие пристап до стратешки суровини како флуорит, бизмут и антимон, од клучно значење за европската индустрија.

Зачлени се на нашиот е-билтен