Производителите на автомобили во Европската Унија ќе мора да постигнат намалување од 90 проценти на емисиите на јаглероден диоксид до 2035 година, наместо претходно предвидените 100 проценти, соопшти денеска Европската комисија, со што практично се укинува планираната целосна забрана за продажба на нови автомобили и комбиња со бензински и дизел мотори.
Преостанатите 10 проценти од емисиите ќе треба да се компензираат преку употреба на нискојаглероден челик произведен во ЕУ или преку користење одржливи горива, како што се синтетичките горива (e-fuels) и биогоривата.
Со новиот пристап, автомобилската индустрија ќе може да продолжи со производство на plug-in хибриди, возила со продолжен домет, благи хибриди, како и возила со мотори со внатрешно согорување и по 2035 година. Истовремено, Комисијата најави дополнителни поттикнувања за електрични и водородни возила, при што производителите ќе можат да добијат т.н. „супер-кредити“ за производство на мали и достапни електрични автомобили произведени во ЕУ.
Комесарот за климатска акција, Вопке Хукстра, изјави дека ЕУ останува посветена на патот кон мобилност со нулта емисии, но дека се воведуваат флексибилности за производителите да ги исполнат целите на најефикасен и најисплатлив начин. Според него, новиот автомобилски пакет претставува „добивка за сите“, бидејќи на индустријата ѝ дава поголема слобода, а истовремено создава пазар за чист челик произведен во Унијата.
Еврокомесарот за транспорт, Апостолос Цицикостас, одлуката ја оцени како „одлична“, нагласувајќи дека таа испраќа јасна порака дека и други технологии, освен батериските електрични возила, ќе можат да бидат присутни на пазарот и по 2035 година, оставајќи им слобода на потрошувачите сами да изберат со каква технологија ќе возат.
Одлуката доаѓа по силен притисок од повеќето производители на автомобили и од неколку земји членки, кои предупредуваа дека европската автомобилска индустрија се соочува со сериозни предизвици поради конкуренцијата од Кина и САД, високите цени на енергијата, недостигот од клучни компоненти и слабата побарувачка за електрични возила.
Германија, Италија, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка и Бугарија беа меѓу земјите што побараа ревидирање на забраната и дозволување на хибридните возила во законската рамка. Франција и Шпанија, иако се залагаа за задржување на забраната, побараа дополнителна поддршка за домашното производство.
Од Европската асоцијација на производители на автомобили оценија дека флексибилноста е неопходна, но истовремено ја потврдија посветеноста на секторот кон декарбонизација, наведувајќи дека индустријата веќе инвестирала стотици милијарди евра и понудила повеќе од 300 електрифицирани модели.
Од друга страна, претставници на индустријата за електромобилност предупредија дека промената на целите може да создаде дополнителна неизвесност за инвеститорите и да ја поткопа сигурноста потребна за развој на батериското производство и инфраструктурата за полнење.
Предлогот на Европската комисија сега ќе биде предмет на преговори меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ, при што политичките разговори ќе започнат во јануари 2026 година, под посредство на кипарското претседателство со Унијата.