Европската комисија усвои построги правила за издавање визи на руските државјани за влез во Европската унија, како одговор на, како што соопшти, „зголемените безбедносни ризици што произлегуваат од неоправданата и неиспровоцирана воена агресија на Русија врз Украина“, пренесува Гардијан.
Според новите правила, „руските државјани повеќе нема да можат да добиваат визи со повеќекратен влез“ и ќе мора да аплицираат посебно секојпат кога планираат патување во ЕУ, соопшти Комисијата.
„Целта е да се ублажат заканите по јавниот ред и внатрешната безбедност, додека ќе се овозможат исклучоци само во ограничени и оправдани случаи, како за независни новинари и бранители на човековите права. На тој начин ќе се обезбеди униформна примена на правилата во сите земји-членки и ќе се спречи нивно заобиколување“, се наведува во објаснувањето.
Сите апликации поднесени од руски државјани ќе подлежат на „засилени постапки на проверка и повисоко ниво на надзор“, стои во соопштението.
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, нагласи дека „патувањето и слободното движење низ Европската унија е привилегија, а не загарантирано право“.

