Европската унија го осудува протерувањето на францускиот амбасадор од Нигер, Силвен Ито и му изразува целосна поддршка, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи.
– Одлуката на пучистите да го протераат францускиот амбасадор е нова провокација која никако не може да помогне да се најде дипломатско решение за актуелната криза, се наведува во соопштението и се додава дека ЕУ не ја признава и нема да ја признае хунтата што ја презеде власта во Нигер со воениот удар на 26 јули.
Воената хунта во Нигер во петокот му нареди на францускиот амбасадор Ито да ја напушти земјата во рок од 48 часа.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Нигер, ваквата одлука е донесена делумно поради одбивањето на Ито да дојде на средба со шефот на нигерската дипломатија именуван од хунтата, но и поради „други активности на француската Влада, што се во спротивност со интересите на Нигер“.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера при презентацијата на приоритетите на надворешна политика на Франција, изјави дека амбасадорот Ито ќе остане во Нигер и покрај притисокот на кој е изложен од страна на лидерите на воениот пуч, повторувајќи ја притоа поддршката за соборениот нигерски претседател Мохамед Базум.