ЕУ го осудува терористичкиот напад врз црквата во Дамаск

Европската Унија остро го осуди терористичкиот напад врз православната црква „Мар Елијас“ во главниот град на Сирија, Дамаск, и изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите.

„Ова гнасно и кукавичко насилство врз христијаните претставува напад врз сите Сиријци. Тоа е сериозен потсетник за итната потреба од засилени напори во борбата против терористичките закани и за обезбедување траен пораз на Исламската држава и другите терористички групи“, се наведува во соопштението на Европската служба за надворешни работи.

ЕУ исто така изрази солидарност со народот на Сирија, нагласувајќи дека во овој критичен момент ги поддржува сите напори на преодните власти насочени кон обезбедување безбедност и заштита за сите граѓани, без оглед на нивната етничка или верска припадност.

Според сириските власти, најмалку 20 лица загинаа во самоубиствен бомбашки напад врз грчка православна црква во неделата, а за нападот беше обвинета џихадистичката група Исламска држава.

Нападот е прв од ваков вид во Дамаск по соборувањето на поранешниот претседател Башар ал-Асад од страна на сили предводени од радикални исламисти на 8 декември 2024 година. Нападот го осудија и Обединетите нации, како и повеќе земји ширум светот.

Зачлени се на нашиот е-билтен