Европските лидери, предводени од Урсула фон дер Лајен, се залагаат за продолжување и засилување на санкциите против Русија, сметајќи дека тоа е единствениот јазик што Москва го разбира. Русија, преку Марија Захарова, ги отфрла условите на ЕУ за мир, посочувајќи на преседанот со Косово.
Ставот на Европската Унија денеска ќе се кристализира во Европскиот парламент за каде што претпладне е закажанацентралната дебата на овонеделната пленарна сесија посветена на ставот на Европската Унија за предложениот мировен план за Украина и за нејзиниот ангажманот за постигнување праведен и траен мир.
Според најавите, европратениците со претставници на Советот на ЕУ и на Европската комисија во рамки на дебатата ќе разменат мислења за предложениот мировен план за Украина. Од оваа дебата ќе произлезе „Резолуција за ставот на ЕУ во врска со предложениот план и ангажманот на ЕУ за праведен и траен мир за Украина“, за чие усвојување европратениците ќе се изјаснат утре.
Вчера, европските лидери кои ја поддржуваат Украина, како дел од „Коалицијата на волните“, одржаа видеоповик со американскиот државен секретар Марко Рубио. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека санкциите против Русија мора да останат во сила, нагласувајќи дека притисокот е единствениот јазик на кој Русија реагира.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, остро ги критикуваше условите на Европската Унија за постигнување мир во Украина, нарекувајќи ги апсурдни. Таа ја коментираше изјавата на Фон дер Лајен дека границите не можат да се менуваат насила, истакнувајќи дека Западот насилно ги прекроил границите на Србија со Косово, спротивно на волјата на српскиот народ.
Во тек се интензивни разговори за мировен план за Украина. Првичниот предлог од 28 точки, изготвен од САД и Русија, беше ревидиран на 19 точки по преговорите во Женева, во кои учествуваа американскиот државен секретар Марко Рубио и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак. Европските земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија, исто така, претставија контра-предлог со разлики во однос на големината на украинската армија и територијалните отстапки.
Централна тема на разговорите беше и финансирањето на Украина, вклучително и можноста за користење на замрзнатите руски средства во странство. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција ќе работи со другите земји-членки на ЕУ за финализирање на решение за финансиска поддршка на Украина преку овие средства.
На состанокот на „Коалицијата на волните“, кој го копретседаваа францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, беше одлучено да се формира работна група. Оваа група, составена од претставници од САД и земјите-членки на коалицијата, ќе работи на зајакнување на безбедносните гаранции за Украина по постигнувањето на мировен договор.

