Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, британскиот премиер Кир Стармер и претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта во Лондон, 19.05.2025Фотографија: HENRY NICHOLLS/AP/ via Getty Images
Реклама
Европската Унија и Велика Британија на самит во Лондон постигнаа договор за Пакт за безбедност и одбрана и договор за прашања како што се трговијата, рибарството и мобилноста на младите. Според Даунинг стрит, Пактот за безбедност и одбрана има за цел да ѝ овозможи на британската индустрија за оружје да „учествува“ во идниот фонд за одбрана на ЕУ. Фондот од 150 милијарди евра моментално е во фаза на преговори меѓу земјите-членки на ЕУ.
Покрај тоа, според информации од Лондон, Велика Британија ќе ги држи своите води отворени за европските рибари дванаесет години по истекот на тековниот договор во 2026 година. За возврат, ЕУ ќе ја олабави бирократијата за увоз на храна од Велика Британија на неопределено време. За да се исклучат британските компании од данокот на ЦО2 на ЕУ, ќе се комбинираат квотите за емисии на двете страни.
Во однос на мобилноста на младите, преговарачите се согласија за многу општа формулација, која ќе биде конкретизирана во подоцнежни преговори. Лондон стравува дека договор по ова прашање кој би можел да се толкува преслободно на крајот би можел да доведе до враќање на слободата на движење меѓу ЕУ и Велика Британија.
Денешниот самит е прв по излегувањето на Велика Британија од Унијата и се смета за важен за односите меѓу двете страни. „Време е да гледаме напред – да ги оставиме старите политички аргументи зад нас и да најдеме прагматични решенија што ќе го подобрат животот на Британците“, изјави британскиот премиер Кир Стармер. Британскиот министер Ник Томас-Симондс, кој е запознаен со преговорите, зборуваше за „историски ден“.
Стармер во Лондон има средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта и шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.