ЕУ ќе даде шанса на преговорите за царините со САД

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската Унија ќе ги стави во мирување планираните царини за американски производи „за да се даде шанса на преговорите“, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги замрзна своите царини за 90 дена.

Унијата, составена од 27 земји, на 9 април даде зелено светло за првите мерки насочени кон американски производи како одмазда за наметнатите давачки на извозот на челик и алуминиум од ЕУ во САД.

„Додека ги финализираме мерките на ЕУ, кои добија силна поддршка од земјите-членки, ќе ги ставиме на пауза во наредните 90 дена“, соопшти фон дер Лајен.
„Ако преговорите не дадат задоволителен резултат, нашите контрамерки ќе стапат во сила“, додаде таа.

Минатата недела Трамп најави воведување на универзална царина од 20 отсто за увозот од Европската Унија како дел од неговата стратегија на „реципроцитет“ спрема бројни земји.

Мерките што ЕУ ги одобри во средата се насочени кон американски производи во вредност од над 20 милијарди евра – вклучително и соја, мотоцикли и козметички производи.

Европската Унија сè уште подготвува одговор и за другите царини наметнати од Трамп, особено за автомобилската индустрија. Фон дер Лајен нагласи дека „работата на контрамерките продолжува“ и додаде:
„Сите опции остануваат на маса.“

Претходно, таа ја поздрави одлуката на Трамп за пауза на царините како „важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија“ и повтори дека Унијата останува посветена на конструктивни преговори со САД, вклучително и понудата за билатерално ослободување од царини за автомобили и индустриски производи.

Зачлени се на нашиот е-билтен