Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕУ нема да ги признае властите воспоставени со пучот во Нигер

Европската унија „не ги признава и нема да ги признае властите воспоставени со пучот“ во Нигер и веднаш ги прекинува сите активности на соработка во безбедносната сфера со земјите на Сахел, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Претседателот на Нигер, Мохамед Базум, сменет со воен удар, „беше демократски избран и затоа останува единствениот легитимен претседател на Нигер“, се вели во изјавата на Борел, додавајќи дека Базум треба да биде „ослободен без услови и без одлагање“.

Покрај суспензијата на целата буџетска помош, веднаш ќе бидат суспендирани и сите активности за соработка во безбедносната област на неопределено време, додаде Борел.

А Африканската унија (АУ), во соопштение издадено по синоќешниот состанок на Советот на панафриканската организација, побара војниците на Нигер „веднаш да се вратат“ во нивните касарни и во рок од најмногу 15 дена „повторно да се воспостави уставната власт“ во земјата, по државниот удар против претседателот Мохамад Базум.

Советот на Африканската унија изрази длабока загриженост поради обновувањето на воените удари на африканскиот континент и „најостро го осуди“ военото преземање на власта во Нијамеј, главниот град на Нигер, од „демократски избраниот претседател“ и побара итно ослободување на претседателот.

Панеафриканската организација вели дека е подготвена да ги преземе „сите неопходни мерки, вклучително и кривични санкции, против извршителите на пучот во случај да не се почитуваат правата на политичките затвореници“.

Војската во Нигер во средата изврши државен удар и оттогаш го држи демократски избраниот претседател Мохамед Базум затворен во претседателската палата. Шефот на претседателската гарда на Нигер, генерал Абдурахман Чијани, кој го предводеше пучот, вчера објави дека со одлука на неговите војници станал лидер на оваа западноафриканска земја.

Зачлени се на нашиот е-билтен