ЕУ планира да мобилизира приватни инвестиции на Западен Балкан

Европската Унија денеска објави повик до компании од Европскиот економски простор и Западен Балкан да поднесат предлози за инвестициски проекти, со цел мобилизирање на приватни инвестиции во регионот.

Како што беше соопштено на Адриа самитот во Тиват, целта е да се поттикне економскиот развој на Западен Балкан и да се забрза интеграцијата на регионот во Единствениот пазар на Европската Унија.

Повикот е насочен кон стимулирање на инвестиции во инфраструктурата, економска диверзификација, зелена и дигитална транзиција, како и интеграција на регионот во вредносните синџири на ЕУ. Со ова се очекува отворање на нови работни места и намалување на економската разлика со земјите-членки на ЕУ, во согласност со Планот за раст за Западен Балкан.

Приоритетни области на повикот се:
🔹 Зелена транзиција
🔹 Интеграција во индустриските синџири на ЕУ
🔹 Критични суровини
🔹 Одржлив транспорт
🔹 Дигитална трансформација
🔹 Одржлив туризам
🔹 Развој на човечки капитал
🔹 Финансирање со социјално влијание

За да бидат прифатени, проектите мора да имаат минимална вредност од 10 милиони евра и сопствено учество од најмалку 15 отсто од вкупната инвестиција.

Европската комисија ќе ги разгледа поднесените предлози и ќе се обиде да ги поддржи најпогодните преку достапни политики, техничка или финансиска поддршка.

„Не зборуваме само за инвестиции, туку за трансформација. Бараме иновативни, револуционерни проекти кои ќе го придвижат Западен Балкан напред и ќе ги зацврстат неговите врски со ЕУ. Ги повикувам приватните компании да ја искористат оваа можност – да инвестираат, да иновираат и да ја обликуваат иднината на регионот“, изјави еврокомесарката за проширување и соседство, Марта Кос.

Рокот за поднесување на предлози е 21 мај годинава.

Зачлени се на нашиот е-билтен