Европската унија објави листа на 47 стратешки проекти за обезбедување критични суровини, со цел да ја намали зависноста од трети земји, особено од Кина. Меѓу проектите се три германски иницијативи за експлоатација и преработка на литум, кој е клучен ресурс за батерии во електрични возила и електронски уреди.
Сепак, на листата го нема проектот „Цинвалд Литиум“, кој пред неколку години го посети и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Три германски проекти со поддршка од ЕУ
Европската комисија ќе поддржи два пилот-проекта за експлоатација и преработка на литум во Германија:
– Vulcan Energy Resources – Проект во близина на Карлсруе, кој користи геотермална енергија за извлекување литум од термална вода. Процесот се заснова на хемиски постапки со кои металот се издвојува од водата, по што се преработува во литум-хидроксид, суровина што се користи за батерии.
-Rock Tech Guben – Преработувачки погон во Бранденбург, кој ќе произведува литум-хидроксид, но од увезена суровина.
-PCC Thorion – Компанија со седиште во Дуизбург, која развива алтернативни материјали за графит, уште еден клучен елемент во производството на батерии.
Овие три германски проекти добиваат предност на европската листа, што значи дека ќе имаат олеснети процедури за лиценцирање и пристап до финансиска поддршка.
Зависноста од Кина – голем ризик за Европа
ЕУ е силно зависна од увоз на критични суровини, особено од Кина, која контролира значителен дел од глобалната рафинирана преработка на литум, графит, кобалт, манган и никел.
„Европа копа литум, но потоа го испраќа во Кина за обработка. Тоа значи дека сме 100% зависни од Кина, иако овој ресурс го имаме на европско тло“, изјави европскиот комесар за индустрија, Стефан Сежурне.
Оваа ситуација е особено загрижувачка со оглед на растечките геополитички тензии и ризикот од трговски ограничувања, што може да предизвика нестабилност во снабдувањето со суровини.
Затоа, Европската унија донесе Закон за критични суровини (CRMA), кој стапи на сила на 23 мај 2024 година, со цел да го поттикне домашното производство и преработка на овие ресурси.
Каква поддршка ќе добијат избраните проекти?
Проектите што се најдоа на стратешката листа на ЕУ ќе имаат олеснет пристап до финансии и забрзани административни процедури.
– Забрзано издавање дозволи:
За рударски проекти, дозволите треба да се издадат во рок од 2 години и 3 месеци.
За преработувачки постројки и рециклирачки капацитети, постапката не смее да трае повеќе од 15 месеци.
Ова е значително побрзо од сегашната ситуација, бидејќи според податоците на Европската комисија, во моментов одобрувањето на вакви проекти трае дури 10 години.
– Финансиска поддршка:
ЕУ планира да инвестира 22,5 милијарди евра за реализација на сите 47 проекти во 13 земји-членки.
Цинвалд Литиум – надвор од приоритетната листа на ЕУ
Иако некои проекти добија статус на стратешки приоритети, германскиот проект „Цинвалд Литиум“ (Zinnwald Lithium), кој се наоѓа во покраината Саксонија, не доби зелено светло од Европската комисија.
Компанијата планираше годишно производство од 15.000 тони литум-хидроксид, што би било доволно за батерии на милион електрични автомобили.
Директорот на компанијата, Марко Улиг, изјави дека иако се надеваа на позитивна одлука, одбивањето на ЕУ нема да има значително влијание врз нивните планови.
„Одлуката на ЕУ не менува ништо во нашите планови. Проектот и понатаму останува стратешки важен за Германија, без разлика на статусот во Брисел“, изјави Улиг.
Германската федерална влада и покраината Саксонија веќе го вклучија овој проект како критично важен за домашното производство.
Проектот неколку пати беше во фокусот на германската влада, а за него разговараа и канцеларот Олаф Шолц и српскиот претседател Александар Вучиќ за време на средбата во Фрајберг, на која беше претставена концепцијата за „одржливо рударење на литум“.
ЕУ сака 40% од преработката на суровини да биде во Европа
Според долгорочната стратегија на Европската комисија, до 2030 година ЕУ треба да:
– Експлоатира најмалку 10% од потребните суровини на своја територија.
-Преработува најмалку 40% од материјалите внатре во ЕУ, наместо да зависи од странски фабрики.
Во првата рунда на одлуки, Комисијата не доделила поддршка за проекти надвор од ЕУ, но тие ќе бидат разгледани подоцна.
Што ќе се случи со проектот „Јадар“ во Србија?
Меѓу проектите кои чекаат разгледување е и српскиот „Јадар“ на компанијата Rio Tinto, кој предизвика силни реакции во јавноста поради загриженоста за еколошкото влијание.
Европската комисија примила 46 апликации од трети земји, а во наредниот период ќе се одлучи кои проекти ќе добијат европска поддршка.
Со листата на 47 стратешки проекти, ЕУ прави важен чекор кон безбедно и одржливо снабдување со критични суровини, кои се неопходни за зелената транзиција и технолошкиот напредок.
Поддршката за германските проекти е дел од пошироката стратегија за намалување на зависноста од Кина, но предизвиците остануваат, особено со оглед на долгите бирократски процедури и зголемените трошоци за домашно рударство.
Како што геополитичките тензии се зголемуваат, прашањето кој ќе ги контролира суровините на иднината станува сè поважно за глобалната економија.
ЕУ ги заострува контролите врз увозот на челик за заштита на индустријата
Европската унија (ЕУ) воведува построги ограничувања на количината челик што може да се увезува без царина, во обид да ја заштити својата индустрија од зголемениот увоз, пренесува „Bloomberg“.
Европската комисија (ЕК) најави дека ќе го забави процесот на либерализација на увозот на челик, намалувајќи ја стапката на раст на увозните квоти од 1% на 0,1%. Дополнително, ќе се прекине практиката на пренесување на неискористените квоти во следните квартали за оние категории производи што создаваат најголем притисок врз европскиот пазар.
Оваа одлука е дел од сеопфатниот акциски план за челик, кој го претстави ЕК минатата недела. Еврокомесарот за индустриска стратегија, Стефан Сежурне, изјави дека од април блокот ќе го намали увозот на челик за дополнителни 15%.
Европската челична индустрија долго време бара посилни заштитни мерки, со оглед на зголемениот глобален капацитет и зголемениот извоз од Кина. Овие мерки за првпат беа воведени во 2019 година како одговор на одлуката на тогашниот американски претседател Доналд Трамп да воведе 25% царина на увозот на челик. Овој потег предизвика загриженост дека големи количини челик наменети за САД ќе се пренасочат кон европскиот пазар, загрозувајќи ја локалната индустрија.
И покрај трговското примирје под администрацијата на Џо Бајден, САД повторно ја вратија 25% царина на увозот на челик, што создаде дополнителен притисок врз глобалниот пазар.
Последната одлука на ЕК следи по истрага побарана од 13 земји-членки, која утврди дека индустријата трпи загуби поради зголемениот увоз и намалената побарувачка. Според ЕК, новите мерки ќе им овозможат на производителите на челик во ЕУ да го зголемат производството и да си го вратат изгубениот пазарен удел. Покрај тоа, ЕУ има намера да поттикне вработување и инвестиции во зелени технологии за производство на челик. Мерката ќе остане во сила до крајот на јуни 2026 година.
Европската асоцијација за челик „Eurofer“ бара уште построги мерки и долгорочен трговски режим кој ќе ја одрази новата пазарна динамика. Според нејзиниот директор, Аксел Егерт, без натамошни ограничувања, увозот ќе продолжи да предизвикува сериозни последици врз европската челична индустрија.