ЕУ пред историски потег: подготвува план за справување со стамбената криза – можно ограничување на купување станови од странци

Европа се соочува со најголемата стамбена криза во последните децении – становите стануваат луксуз, изнајмувањето е неподносливо, а градовите што некогаш припаѓаа на жителите, денес им припаѓаат на туристите. По години молчење, Брисел конечно реагира.

Европската комисија, за првпат во својата историја, подготвува сèопфатен план за решавање на кризата со домувањето, кој ќе биде објавен во декември. Планот, кој веќе се опишува како „најамбициозен социјален проект на Унијата“, вклучува регулација на краткорочните изнајмувања преку платформи како Airbnb и Booking.com, но и можност за ограничување на продажбата на недвижности на странци.

„Ако не делуваме сега, ќе победат популистите“

Човекот кој стои зад овој проект е Дан Јоргeнсен, дански социјалдемократ и прв еврокомесар за домување. Неговата порака е јасна: Европа нема повеќе време за чекање.

„Ако ние, политичарите, не го сфатиме ова сериозно, тогаш ќе им го препуштиме теренот на антиевропските популисти,“ изјави тој за The Guardian. „Ова не е само економско, туку и социјално прашање. Луѓето веќе не можат да си дозволат да живеат во сопствените градови.“

Јоргeнсен нагласува дека Брисел премногу долго се држел по страна од стамбената политика, препуштајќи ја исклучиво на националните влади, кои не успеале да го запрат растот на цените.

Во европските метрополи, становите сè почесто се користат како инвестиции и средства за шпекулација, а не како место за живеење. Со експанзијата на платформите за краткорочен наем, цели квартови се претвораат во хотели на отворено.

„Станува збор за огромен проблем во многу европски градови,“ вели Јоргeнсен. „Кога домувањето е заменето со профитна логика, тогаш губи целиот општествен баланс.“

Во последните 13 години, според Eurostat, цените на становите во Европската унија пораснале за 48%, а наемнините за 22%. Во Естонија растот достигнал неверојатни 211%, а во Литванија 169%. Речиси 9% од Европејците сега трошат над 40% од приходот само за покрив над глава.

Во обид да се врати балансот, Европската комисија разгледува и радикални решенија. Некои земји, како Шпанија, веќе предлагаат 100% данок на купување недвижност од страна на не-ЕУ резиденти.

Паралелно, во Европскиот парламент се води расправа за можна забрана за купување станови од странци, со цел да се спречи шпекулативниот капитал да ја измести рамнотежата на локалните пазари.

Покрај тоа, се предвидува поголема заштита на правата на закупците, како и ублажување на правилата за државна помош, што би ѝ овозможило на секоја влада полесно да финансира социјални и достапни стамбени проекти.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, веќе најави дека до крајот на годината ќе биде одржан првиот самит на ЕУ за домување. Целта: да се дефинираат новите европски стандарди за пристапно живеење.

„Како и во време на ковид-кризата, повторно се наоѓаме пред ситуација што бара ново дефинирање на улогата на Европската унија,“ изјави Јоргeнсен.

Европа, која некогаш ветуваше еднаков животен стандард за сите, денес се соочува со сурова реалност: милиони луѓе се на раб на иселување поради сè поскапиот живот. Дали планот на Брисел ќе ја врати правдата во европските градови — или ќе остане уште една нереализирана визија, ќе се покаже во месеците што следуваат.

Зачлени се на нашиот е-билтен