ЕУ размислува да го заобиколи унгарското вето за пристапувањето на Украина

Европската унија разгледува нови правила за процесот на проширување со цел да го надмине постојаното унгарско вето за членството на Украина.

Според планот што го предлага претседателот на Европскиот совет, Антониу Кошта, отворањето на кластери во преговорите би се одлучувало со квалификувано мнозинство, наместо со едногласност на сите 27 земји членки.

Досега, секој чекор од пристапниот процес бараше согласност од сите држави, што ѝ овозможи на Унгарија повеќе од една година да ја блокира Украина во отворањето на првиот кластер – таканаречените „фундаменти“, кои ги опфаќаат демократијата, човековите права, безбедноста, судството и јавните набавки.

Будимпешта го оправдува ветото со продолжувањето на војната во Украина, енергетската безбедност, земјоделските прашања и положбата на унгарското малцинство. Премиерот Виктор Орбан дури спроведе и национална консултација за да добие поддршка за својата позиција.

Во Брисел, сепак, расте нетрпението. Кошта по обиколка на сите земји членки ја тестира поддршката за предлогот, кој би можел да се разгледува веќе оваа среда на неформалниот самит во Копенхаген.

Доколку биде прифатен, овој механизам не само што ќе ѝ овозможи на Украина да напредува, туку и на Молдавија, чие европско досие е поврзано со украинското. За Киев тоа би било голема дипломатска победа, а за Кишињев зајакнување на европската перспектива по последните парламентарни избори.

Сепак, останува голема пречка – за измена на преговарачката рамка потребна е едногласна одлука. Иако досега ниту еден лидер не одговорил со целосно „не“, не е сигурно дали ќе има доволна поддршка.

Европската комисија порача дека можноста за премин кон квалификувано мнозинство „може да се разгледа“, но засега не дава отворена поддршка на планот. „Нашата позиција е дека треба да се отвори првиот кластер за Украина и Молдавија. Тие ја завршија својата работа и ги исполнија критериумите,“ изјави портпарол на Комисијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен