ЕУ размислува за забрана на етанолот: Супстанца што ја користиме секојдневно прогласена за потенцијално канцерогена

Европската унија разгледува можност да го класифицира етанолот како супстанца што може да предизвика малигни заболувања, односно како потенцијално канцерогена.

Како што објави Фајненшл тајмс, етанолот е состојка што се користи во голем број производи – од средства за дезинфекција на раце и средства за чистење, до различни индустриски препарати.

Според внатрешна препорака од 10 октомври, подготвена од една од работните групи на Европската агенција за хемикалии (ECHA), етанолот е означен како токсична супстанца што може да го зголеми ризикот од рак и да предизвика компликации во текот на бременоста.

Документот препорачува постепено повлекување и замена на етанолот со побезбедни алтернативи во средствата за чистење и други производи.

Комитетот за биоцидни производи при ECHA ќе заседава меѓу 25 и 28 ноември, кога ќе формулира официјална препорака до регулаторните тела на ЕУ. Конечната одлука за евентуална забрана или рестрикција на употребата на етанолот ќе ја донесе Европската комисија.

Зачлени се на нашиот е-билтен