Европската Унија е единствена во ставот дека мора да одговори на неоправданите трговски мерки на САД, но е длабоко поделена околу начинот на кој тоа треба да се направи – покажа дебатата во Европскиот парламент.
Десничарските политички групи одговараат на новите предизвици од администрацијата на Доналд Трамп со повик за дерегулација, слабеење на влијанието на Зелениот договор и намалена улога на институциите од Брисел во економската политика. Од друга страна, центристичките, левичарските и зелените партии потенцираат дека конфликтот со Вашингтон не е само економски, туку и идеолошки – прашање на заштита на европските вредности и демократските принципи.

„Сите опции се на маса“
Дебатата во Стразбур беше отворена од полскиот министер Адам Шлапка и еврокомесарот за трговија, Марош Шефчовиќ. Тие ги информираа европратениците за чекорите што ги преземаат институциите на ЕУ како одговор на царинските закани на Трамп.
Во април, Европската комисија одлучи да ги замрзне контрамерките за 90 дена, откако и САД најавија сличен мораториум. Претседателката Урсула фон дер Лајен изјави дека Унијата сака да даде шанса на преговорите, но „сите опции остануваат отворени“.
Шефчовиќ потврди дека ЕУ е подготвена за компромис, но и за цврст одговор доколку преговорите пропаднат. Една од клучните стратегии е продлабочување на трговските односи со други партнери низ светот – предлог што доби широка поддршка меѓу европратениците.
Поделен Европски парламент
Јорген Ворборн од Европската народна партија ја оцени како „мудра“ одлуката на Комисијата да не реагира веднаш, но предупреди дека „неактивноста не смее да стане политика“. Тој повика на подготовка на силен, пропорционален и заеднички одговор во следните 90 дена, како и засилување на внатрешниот пазар и склучување нови трговски договори.
Од левиот центар, Ираче Гарсија Перез од Социјалдемократите истакна дека конфликтот со САД е и конфликт на вредности. „Не можеме да дозволиме европското законодавство да биде предмет на уцени од страна на демагог што ги потценува европските принципи“, рече таа.

Сличен став изнесе Валери Хајер од либералите, која го опиша спорот како судир меѓу „американскиот протекционизам и европскиот модел на демократија и владеење на правото“. Таа повика на отпор против „трампизмот“, вклучително и во неговите европски облици.
Бас Ајкаут од Зелените беше остар: „Европа мора да престане да се однесува како пазар и да почне да се однесува како сила. Ако преговорите не успеат, мора да одговориме соодветно.“
Мартин Ширдеван од Левицата предупреди против правење отстапки кон САД и побара насочување кон други трговски партнери.
Десницата бара протекционизам и регулаторна ревизија
Од друга страна, десничарските групи гледаат можност за ревизија на политиките на ЕУ. Џордан Бардела од „Патриоти за Европа“ бара приоритет за домашни производители и намалување на регулативите наметнати со Зелениот договор.
Никола Прокачини од Европските конзервативци и реформисти повика на вистинска слободна трговија со САД, без царини, и обвини дека ЕУ досега поставувала непотребни бариери за американски производи.
Крајно десничарскиот пратеник Рене Ауст од AfD побара ЕУ да не се меша во внатрешните работи на земјите-членки и ја критикуваше дискриминацијата против неговата партија. „Германија прво – но не само Германија“, изјави Ауст.
Хрватските гласови за стабилни трансатлантски односи
Хрватските европратеници Жељана Зовко (ХДЗ) и Тонино Пицула (СДП) апелираа за рационален пристап и стабилни односи со САД. Зовко нагласи дека Европа мора да биде проактивна, да ги поедностави правилата и да привлече инвестиции. Пицула, пак, повика на еднаков одговор на евентуалните царини, но и на зачувување на стабилноста и принципиелноста на европската политика.
„ЕУ има капацитет и морална обврска да биде глобален фактор. Ова е можност да покажеме лидерство“, заклучи тој.