Европската Унија усвои нови правила со кои се регулираат возачките дозволи во сите земји членки. Едно од клучните новини е воведувањето на единствена дигитална возачка дозвола која ќе важи низ целата ЕУ, со важност од 15 години. До 2033 година, сите возачи ќе треба да имаат ваква дозвола, пишува Каматица.
Од 2028 година ќе почнат да истекуваат дозволите издадени во 2013 година, а се поставува прашањето што ги чека возачите при обновување. ЕУ не наложува задолжителни лекарски прегледи – таа одлука ќе остане на самите земји членки. Односно, секоја држава самостојно ќе одлучи дали за обновување ќе бидат потребни медицински проверки или ќе биде доволна само изјава од возачот дека е способен да управува со возило.
Новата регулатива предвидува и опција матичните лекари да имаат обврска да пријават возачи чие здравје може да претставува ризик во сообраќајот.
Во однос на повозрасните возачи, беше разгледана идеја возачките дозволи по 70-тата година да важат само 5 години, но таа предлог-мерка беше отфрлена.
Дополнително, новите правила ќе воведат и построги ограничувања за младите возачи – во текот на првите две години по добивањето дозвола, тие ќе мора да почитуваат построги правила, вклучително и пониски дозволени брзини.