ЕУ воведува заштитен систем од руски дронови и воздушни закани

Европската комисија денеска го претстави планот за зајакнување на одбраната на Европската Унија од руските безбедносни закани, со фокус на создавање интегриран систем за заштита од дронови и други воздушни напади.

Како што пренесува агенцијата dpa, проектот опфаќа четири големи иницијативи за вооружување, со цел да се зајакнат одбранбените капацитети на Унијата до крајот на деценијата, особено на нејзината источна граница.

Главен приоритет е развојот на систем за заштита од дронови, кој делумно ќе биде оперативен веќе кон крајот на следната година, а целосно ќе биде функционален до крајот на 2027 година. Земјите-членки треба да ја одобрат иницијативата до крајот на оваа година, што ќе овозможи заедничка набавка на технологии за надзор и неутрализација на воздушни закани.

„Последните случувања покажуваат дека Европа е изложена на ризик,“ изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претставувајќи го планот во Брисел. Таа нагласи дека стратегијата има јасно дефинирани фази и заеднички цели за постигнување на посилна и координирана одбрана до крајот на деценијата.

Покрај анти-дрон системот, планот предвидува и јакнење на одбраната на источната граница на ЕУ како и воспоставување свемирски штит за заштита на европските сателити. Финансирањето ќе се спроведува преку веќе постоечките програми на земјите-членки.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус понуди Германија да ја преземе водечката улога во развојот на Европскиот воздушен штит – проект што ќе обезбеди повеќеслоен систем за заштита од сите типови воздушни напади, интегриран со командните и комуникациските структури на НАТО.

Зачлени се на нашиот е-билтен