Чекањето заврши. Човекот кој ја смета ЕУ за „непријател“, кој го гледа НАТО како тажен збир на „бесплатни корисници“ што ги искористуваат предностите на благородниот американски даночен обврзник и кој мисли дека европските земји ги „закинуваат“ САД во трговијата, повторно цврсто ќе заседне во Белата куќа, наведува бриселскиот портал „Еурактив“ во анализа за очекувањата во ЕУ пред денешното стапување на Доналд Трамп на должноста американски претседател.
– Не е тајна дека Европа е нервозна, како што треба и да биде. Но, во последните денови анкетиравме политичари, дипломати и други функционери ширум Европа и бевме изненадени кога откривме дека многумина, ако не и сите, се помириле со враќањето на Трамп, наведува порталот.
Европски дипломат за „Еурактив“ изјавил дека ЕУ нема да се однесува како „побеснето куче што скока по секое парче месо фрлено врз неа од Мар-а-Лаго“, приватната резиденција на Трамп на Флорида. – Не треба да се плашиме, порачал дипломатот.
Сепак, според порталот, останува да се види дали Европа „има нерви“ да го прифати тој совет и далеку е од сигурно и граничи со крајна неверојатност дека ќе го манифестира она што „почесниот Европеец Ернест Хемингвеј сакаше да го нарекува благодат под притисок“.
– Најверојатното сценарио е дека ќе успеат обидите на Трамп да ја подели и освои Европа со поддршката на плутократите од високата технолошка индустрија. Тој веќе ги има в џеб Италија и Унгарија, а голем број други членки на ЕУ (на пример, Австрија) се на пат да го следат истиот пример, наведува онлајн медиумот.
Според авторот на анализата, ова можеби звучи песимистички, но не треба да си „,мачкаме очи“ и треба да сфатиме дека ова ќе бидат тешки четири години за ЕУ, при што никој не може да претпостави како блокот ќе преживее уште четири години на Трамп.
– Сфаќаме дека вториот мандат на Трамп ќе биде многу полош од првиот, предвидува европски дипломат, потенцирајќи дека клучното прашање во дипломатските кругови е дали Трамп ќе ги исполни сите закани што ги упати во периодот пред неговата инаугурација. – Со други зборови, прашање на годината е дали навистина е толку луд како што звучи?, додава тој.
Порталот оценува дека францускиот претседател Емануел Макрон доживеа „дипломатски удар“ во декември со тоа што овозможи средба на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на церемонијата на повторното отворање на катедралата „Нотр Дам“ во Париз.
„Еурактив“ наведува дека нов удар за и онака нестабилната позиција на Макрон е фактот што меѓу поканетите за присуство на денешната инаугурација на Трамп е и европратеничката Сара Кнафо од француската националистичка, десно популистичка и евроскептична партија Повторна обнова (Р!), која воедно е и животна партнерка на партискиот лидер Ерик Земур.
Повторна обнова (Р!) е дел од европската екстремно десничарска партиска групација Европа на суверените нации (ЕСН), која изминатиов период, како што наведува порталот, изгради значителна мрежа на врски со опкружувањето на Трамп.
– Моите контакти со новата администрација на Трамп ќе бидат корисни за да сфатам како Американците работат и како можеме да се браниме во трговските спорови што ќе се појават со САД, изјави Кнафо пред да отпатува за Вашингтон.
Медиумот оценува и дека за разлика од повеќето нивни соседи, Полјаците имаат голема предност, затоа што „не мора да лажат за наклонетоста на нивната земја кон Трамп“, имајќи предвид дека тој е навистина популарен во Полска.
Дополнително, Полска, која е и актуелен претседавач на ЕУ, е меѓу водечките земји во НАТО според процентот на издвојувања од БДП за одбраната, така што не мора да се грижа за евентуалните санкции на Трамп кон оние што „не трошат доволно“ за одбранбените потреби.
– Уште подобро: Трамп ги сака Словените (барем жените). Сето ова може и да го објасни ставот на (полскиот) премиер Донал Туск кон ново-стариот претседател (на САД). Туск, кој го дели истото име и иницијалите како Американецот, кого последен пат го сретна за време на неговиот мандат како претседател на Советот на ЕУ, наведува „Еурактив“.
Туск, кој беше претседател на Европскиот совет од 2014 до 2019 година, минатата недела изјави дека ЕУ наместо да „чека во редот на Трамп, треба да си ја заврши домашната задача“.
– Кога новата Администрација во Вашингтон ќе види колку сме сериозни, ќе прифати поинаков пристап, пооптимистички пристап кон Украина, рече Туск.
Германците, пак, кои се познати по подготовките, се толку подготвени за Трамп, што за тоа почнаа да се подготвуваат неколку месеци пред тој воопшто да победи на претседателските избори во САД, оценува бриселскиот онлајн медиум.
Пратеникот во германскиот Бундестаг од редовите на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД), Нилс Шмид уште лани во јули оцени дека Европа и Германија се многу подобро подготвени за евентуалниот втор претседателски мандат на Доналд Трамп, отколку за првиот.
Сепак, според авторот на анализата, ваквиот оптимизам не го споделуваат повеќето дипломати и високи претставници од ЕУ со кои разговарал „Еурактив“.
– Немаме поим што ќе се случи. Немаме идеја, изјавил висок германски функционер.